Во пожар што во текот на ноќта избувна во дом за стари лица во Милано загинаа шест лица, а повеќемина се повредени и се префрлени в болница, соопштија утринава италијанските служби за итни случаи.
Пет од жртвите се жени на возраст меѓу 69 и 87 години, додека шестата е 73-годишен маж, се вели во извештаите.
Причината за пожарот се уште не е позната.
Лука Кари, портпарол на националната противпожарна служба, ја потврди бројката на загинати, додавајќи дека тројца од повредените се во критична состојба, 15 се со сериозни, но не опасни по живот повреди, додека 50 лица се здобиле со полесни повреди.
Патем, рече и дека пожарот е изгаснат и дека е отворена истрага за тоа што довело да се случи трагедијата.
Во изјавата за „РАИ њус“, Кари истакна дека лице вработено во домот го вклучил алармот откако го забележал чадот.
„Веднаш беа испратени четири екипи пожарникари. Тие се најдоа соочени со многу слаба видливост во ходникот во еден дел од зградата, и пламен во една просторија. Тие се фокусираа на гаснење на пламенот, а потоа на евакуација на гостите. Тоа беше особено комплицирана евакуација и поради чадот и поради тоа што некои од гостите не можеа да одат“, рече Кари.
Градоначалникот на Милано, Џузепе Сала, изјави дека пожарот „почнал во една соба во која биле сместени две жени, а двете биле ‘убиени’ од пламените јазици“.
„Огнот бил изгаснат многу брзо, не се прошири дури ни во соседните соби. Но, потоа се ослободил отровен чад кој бил смртоносен за четирите други жртви. Тие починаа од вдишување чад“, истакна Сала.
Според градоначалникот на станарите кои веднаш биле евакуирани и останаа неповредени во инцидентов им е најдено вдомување во други соодветни пензионерски домови.







