Подобрувањето на сообраќајната инфраструктура и поврзаноста на населените места, се меѓу приоритетите за развој на Скопје, истакнаа денеска на прес-конференција кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ Коце Трајановски и носителот на листата за советници во советот на Град Скопје, Христијан Мицкоски.
Според нив, поврзаноста на жителите на Кисела Вода и Аеродром ќе се подобри преку пробивање и изградба на улицата „Есенинова“.
„Изградбата на улица „Есенинова“ претставува поврзување на булеварот „Трета македонска бригада“ со булеварот „Борис Трајковски“. Ова ќе се реализира преку пробивање нова улица од крстосницата меѓу „Трета Македонска бригада“ и улицата „Никола Карев“ кај амбулантата „Пролет“, позади Тутунскиот комбинат, кон населбата Кисела Вода и ќе се поврзе со булеварот „Борис Трајковски“ зад новиот објект „Флетајрон“ на Адора- објасни трајановски.
Со реализацијата на овој проект, освен ново поврзување, ќе се скрати и патот меѓу општините Аеродром и Кисела Вода за сите што сакаат да го заобиколат Центарот и метежот во ударните часови, пред се на крстосницата кај Тутунскиот комбинат.
Трајановски рече дека ова е второ поврзување меѓу двете општини изминативе неколку години. Во 2010 година беше изграден булеварот Србија со кој се изврши сообраќајно булеварско поврзување меѓу општините Гази Баба, Аеродром и Кисела Вода.