Земјотрес со магнитуда од 5,9 степени го погоди централниот дел на Јапонија во понеделник наутро, но не е издадено предупредување за цунами, објави јапонската метеоролошка агенција.
Епицентарот на земјотресот е на полуостровот Ното, кој веќе беше погоден од силен земјотрес на 1 јануари годинава во кој загинаа 230 луѓе.
Според телевизијата НХК, локалните власти соопштија дека засега не е забележана материјална штета.
Дополнителен потрес со јачина од 4,8 степени се случи 10 минути по првиот земјотрес.
Земјотресите се вообичаени во Јапонија, а во обид да се ограничат нивните последици, се применуваат исклучително строги правила за градење.
Катастрофата во Фукушима во март 2011 година, после разорниот потрес и цунамито кое следеше и оштети нуклеарна централа, сè уште е свежа во сеќавањето на населението.







