Во самоубиствен бомбашки напад врз полициска патрола во пакистанскиот југозападен град Квета загинаа три лица, а 28 беа ранети, соопшти полицијата.
Експлозијата, за која одговорноста ја презеде пакистанската талибанска милитантна група, Техрик-е-Талибан Пакистан, се случи откако групата го прекрши примирјето со владата оваа недела.
„Бомбата чија цел беше полициска патрола повреди повеќе од 30 лица, меѓу кои 15 полицајци. Убиени се еден полицаец, една жена и едно дете“, изјави полицискиот претставник Абдул Хак.
Полициската патрола ја штитела екипата што вршела вакцинација против детска парализа во моментот на самоубиствениот напад, додаде тој.
Тимовите за вакцинација против детска парализа често се мета на исламистичките милитанти во Пакистан, кои се убедени дека имунизацијата е западна алатка за шпионирање.
Куета е главен град на пакистанската покраина Белучистан, која граничи со Авганистан и Иран, каде дејствуваат и исламистичките и сепаратистичките бунтовници.
(Фото: АФП)