Заводот за статистика на Словенија објави дека во првата половина од годината бројот на туристи во земјата го надмина резултатот од минатата година за 15,1 проценти.
Број на ноќевањата во словенечките хотели, камповите, спа центрите и во приватното сместување е 12,2 отсто повеќе отколку во првите шест месеци од минатата година, а само во јуни се евидентирани 1,2 милиони туристички ноќевања, што е 22 отсто повеќе отколку во јуни лани.
Со малку поинтензивна миграција на европските туристи кон јужните дестинации отколку лани, на тоа придонесоа убавото време и поголемите вложувања во промоција на туризмот за кои се залагаше министер за економија, Здравко Почивалшек, кој доаѓа од туристичкиот сектор.
Во првата половина од годината во словенечките туристички објекти остварени се повеќе од 4,79 милиони ноќевања, при што растеше и бројот на пристигнувања и ноќевања на странските и домашните гости.
Заменик генералниот директор на словенечката туристички заедница Кармен Хрен на презентацијата на туристичките резултати рече дека се работи за најголем пораст на туристички промет во Словенија досега и дека се очекува до крајот на оваа година да биде поставен нов рекорд во пристигнувања, ноќевања и приходи од туристи.
Меѓу странските туристи кои престојувале во Словенија во јуни најмногу биле Германци, речиси 140.000, што е за 17 отсто повеќе отколку пред една година. На второ место се гостите од Австрија, а на трето италијански туристи.
Зголемен е и бројот на американски гости кои освен за природните убавини се заинтересирани и за културни знаменитости, а има многу и од оние кои сакаат да ја запознаат „старата“ татковина на нивната прва дама, Меланија Трамп.







