Во циклонот „Габриел“, кој силно го погоди Нов Зеланд, загинаа најмалку седум лица, а 10.000 се раселени после најголемата бура во таа земја во последните децении.
Габриел, кој во неделата го погоди Нов Зеланд во неделата пред да се пробие на источниот брег на Северниот остров, отсече цели градови, однесе фарми, мостови и добиток и поплави домови, заробувајќи луѓе на покривите.
Бројот на загинати се зголеми вчера, во текот на ноќта, откако во болница почина вториот пожарникар од доброволната противпожарна бригада, Крег Стивенс, кого го зафати одрон на земјиште во близина на Аукленд, на почетокот на оваа недела.
Надлежните предупредуваат дека постои можност да се зголеми бројот на починати, со оглед на фактот дека во болниците има повеќе лица кои се со тешки повреди.
Комуникацијата и пристапот до многу области и понатаму се отежнати, а се преземаат надзорни летови за да се испита штетата и да се идентификуваат оние кои можат да бидат изолирани.
Колони камиони кои превезуваат храна, вода, лекови и гориво се движат кон оддалечените области, а одбранбените сили користат бродови за транспорт на неопходните работи до областите на источниот брег.
Кири Ален, министерка за регионален развој, која исто така живее во една од најтешко погодените области, изјави за „1Њус“ дека супермаркетите сега се подобро снабдени, дека резервите стигнуваат до некои од најизолираните заедници, а дека телефонските мрежи се обновуваат во малите подрачја.
„Пред нас се големи инфраструктурни предизвици. Откако ќе го надминеме овој моментален одговор, ќе добиеме голем данок во смисла на трошоците и на она што треба да го направиме“, рече таа.
И додека екипите за пребарување и спасување сè уште работат, времето денеска почна да се подобрува. Метеоролошката служба објави дека тие веќе немаат никакви временски предупредувања за Нов Зеланд и дека се предвидува сончево време за поголемиот дел од Северниот остров.
(Фото: Стр/АФП)







