Шест лица загинаа, меѓу кои и двајца млади полицајци, во пукотница во австралискиот град Виамбили, во државата Квинсленд, соопшти полицијата.
Престрелката се случила во понеделникот во попладневните часови.
„Штом полицајците пристигнаа на имотот, беа пречекани со пукање и немаа шанси. Двајца полициски службеници беа ладнокрвно егзекутирани“, изјави претседателот на локалниот полициски синдикат, Иан Ливерс.
Едниот полицаец имал 26, а другиот 29 години.
Покрај нив, убиен е и 58-годишен сосед, а по доаѓањето на полициското засилување, околу 22.30 часот по локално време биле убиени тројца осомничени, двајца мажи и една жена. Нивниот идентитет не е објавен, но според дневниот весник „Австралија“, тие се локален учител, неговиот брат и сопругата на неговиот брат, сопственици на имотот каде што се случила трагедијата.
Австралискиот премиер Ентони Албанесе го опиша настанот во Виамбили како „страшен“.
„Денес се скршени срцата на семејствата и пријателите на полицајците во Квинсленд кои ги загубија животите за време на должноста“, додаде Албанесе.







