Дваесет луѓе загинаа во експлозија во воена база во Камбоџа, а оштетени се бројни објекти во близина, објави „Скај Њуз“.
Воената база „Кампонг Спеу“ се наоѓа на југозапад од споменатата држава во Југоисточна Азија, а покрај 20-те загинати војници, уште неколку се ранети.
Оштетени се, се истакнува во текстот на „Скај Њуз“, најмалку 25 куќи кои се наоѓаат во близина на „Кампонг Спеу“, додека во самата база оштетени се четири згради и неколку возила.
Војската после експлозијата ги затворила сите приоди кон базата, додека мештаните се засолниле на побезбедни места.
Не е неважно ниту тоа што во провинцијата каде што се случи експлозијата, највисоката температура во неделата беше 39 Целзиусови степени.
Камбоџанскиот премиер, Хун Манет, истакна дека бил шокиран откако ја примил веста за експлозијата, изразувајќи сочувство до роднините на загинатите војници.
Исто така, тој вети дека државата ќе ги плати нивните погреби и ќе им даде отштета на семејствата на загинатите и ранетите.
(Фото: АФП)