Украинската безбедносна служба (СБУ) соопшти дека уапсила агент на руската воена разузнавачка служба кој планирал напади во Одеса, најголемото пристаниште на Црното Море во земјата.
„Неговата главна задача бил да ја размрда политичката ссостојба во регионот на Одеса со саботажи и терористички дела“, соопшти СБУ.
„Агентот е фатен додека се обидувал да регрутира некого за да ги изврши нападите“, додаваат тие.
Повеќе детали за случајот не се откриваат, а претставници на руските министерства за надворешни работи и за одбрана не одговорија на барањата за коментар.
Киев, Вашингтон и западните престолнини се загрижени поради акумулацијата на руски војници во близина на границата со Украина и потенцијалната инвазија. Американските и руските дипломати денеска започнаа разговори во Женева за деескалација на кризата.
Москва негира сè
Официјална Москва демантира дека некогаш планирала напад и ги обвинува Украина и НАТО за поттикнување тензии. Од таму бараат Алијансата предводена од САД да гарантира дека Украина нема да стане членка на НАТО.
Русија во декември објави дека некој фрлил молотов коктел врз рускиот конзулат во украинскиот град Лавов и дека испратила протестна нота поради нападот, кој го оквалификува како „терористички чин“.
Врските на Украина со Русија се распаднаа во 2014 година после руската анексија на Крим и откако проруските сили ја окупираа територијата во источна Украина која Киев ја сака назад. Киев вели дека околу 15.000 луѓе се убиени од почетокот на конфликтот.