Украинската противвоздушна одбрана утрово соборила 13 руски крстаречки ракети кои целеле кон воениот аеродром во западниот регион Кмелницки, соопшти украинското воздухопловство.
Ракетите, како што се соопштува, биле истрелани од руски бомбардери од областа на Каспиското Море, пренесува Ројтерс.
Вршителот на должноста гувернер на регионот, Серхиј Тјурин, рече дека нападот бил насочен кон аеродромот Вијск во близина на регионот Кмелницки.
Ракетите биле лансирани од неколку бомбардери Тупољев Ту-95, изјави тој на Телеграм, додавајќи дека тие биле пресретнати главно во таргетираниот регион.
Повикувајќи се на воената администрација на украинскиот североисточен регион Суми, „Киев индепендент“ објави дека руските сили вчера гранатирале девет населби во регионот, при што се слушнале над 147 експлозии, пренесува Гардијан,
Областа, како што се наведува била гранатирана во повеќе од 20 наврати, а во нападите е повредено едно лице, а оштетени се станбени згради, инфраструктура за вода и други објекти, се вели во објавата на локалната администрација.
Се наведува дека биле користени минофрлачи, артилерија, мини и напади од воздух.
Откако делови од Суми беа ослободени од руските сили во април минатата година, регионот е постојана цел на гранатирања и напади од другата страна на границата со Русија.
Киев на конференција во Лондон доби уште 60 милијарди евра помош за обнова на Украина
Од друга страна, Русија денеска соопшти дека нејзината противвоздушна одбрана соборила беспилотно летало над јужниот руски град Курск, во близина на границата од Украина, соопштил регионалниот гувернер Роман Старовоит.
Тој на Телеграм изјавил дека системот за противвоздушна одбрана во регионот дејствувал два пати пренесува Ројтерс. Гуверенерот во својата објава не споменал штети или жртви, но упатил апел до жителите да ги избегнуваат локациите каде има остатоци од соборирените летала.
Досега имаше серија напади со беспилотни летала на градови и населени места на руска територија , за кои Москва тврди дека доаѓаат од Украина.
Украинските власти, пак рутински одбиваат да ги коментираат ваквите наводи.
МИА







