Германија испраќа 5.000 воени шлемови во Украина, што е јасна порака дека е на нејзина страна, објави министерката за одбрана Кристин Ламбрехт, но Украина, која очекува голема помош од Западот во случај на руска агресија, ги смета најавите од Берлин за чиста симболика.
„Можам да потврдам дека ја завршивме проценката во одговорот на барањето на украинската страна за испорака на 5.000 воени шлемови“, изјави портпаролот на прес-конференција, додавајќи: „Засега не можам да ништо да кажам за роковите за испорака“.
„Ова е многу јасна порака: Ние сме со вас“, најави германската министерка за одбрана. Берлин одби да испорача оружје на Украина. Украинскиот амбасадор во Берлин ја критикуваше одлуката на германската влада, нарекувајќи ја „симболичен гест“.
„Тоа е само капка во морето. Тоа не е ниту утешна награда“, рече амбасадорот Андриј Мелни за германската агенција ДПА.
„Украина очекува федералната влада (нејзината позиција) да се сврти за 180 степени, очекува вистинска промена на парадигмата“, рече тој. Украина бара големи испораки на оружје – слични на оние што ги ветија Америка, Велика Британија и балтичките земји – потребни за одбрана од можна руска инвазија.
„Тоа е опрема, а не оружје, но помага“, рече Ламбрехт и објасни: „Токму на таков начин ќе продолжиме да работиме во овој судир. Работиме на постигнување на мирно решение на конфликтот среде Европа“.
Ламбрехт најави дека Германија викендов ќе и испорача полска болница на Украина.
Градоначалникот на Киев, поранешниот боксерски шампион Виталиј Кличко, германскиот подарок го нарече „шега“. „Останав без зборови за однесувањето на германската влада. Министерството за одбрана очигледно не сфати дека спроти нас има совршено опремена руска армија која може да започне втора инвазија на Украина во секое време“, изјави Кличко за таблоидот Билд.
Потоа тој продолжи со ироничен тон, прашувајќи: „Што ќе ни испрати следно Германија? Можеби перници?
Официјален Киев веќе изрази незадоволство од одбивањето на Германија да испорача оружје на Украина, која смета дека таквиот став може да ја „охрабри“ Русија.
Традиционално, уште од Втората светска војна, Германија не сака да се вклучи во каков било воен ангажман, а во овој случај смета дека ваков вид на поддршка може само да ги зголеми тензиите. Министрите за надворешни работи на земјите членки на Европската унија во понеделникот во Брисел разговараа за заедничката позиција за безбедносната криза и за тоа како да се одврати Русија од инвазијата на Украина.
Германската министерка за надворешни работи, Аналена Баербок, изјави дека нејзината земја е подготвена економски и финансиски да и помогне на Украина. Германија во голема мера е зависна од рускиот гас и често е критикувана дека не е одлучна во напорите да се спречи руски напад.
Речиси осум години откако Русија го окупираше Крим и почна да ги поддржува сепаратистичките борци во Донбас во источна Украина, поранешната советска република стана жариште на потенцијално најопасен конфликт меѓу Исток и Запад од Студената војна до сега.
Русија ги обвинува НАТО и амертиканското дејствување за поттикнување на кризата и бара безбедносни гаранции од Западот, вклучително и ветување дека Алијансата никогаш нема да ја прими Украина во своето членство. Москва ја гледа Украина како тампон меѓу Русија и земјите од НАТО.
Западните сојузници и се заканија на Русија со економски санкции доколку таа ја нападне Украина, а САД преговараат со енергетски богати земји и компании ширум светот за потенцијално пренасочување на енергијата кон Европа доколку Русија ја нападне Украина. Околу една третина од резервите на гас на Европската унија доаѓаат од Русија. Секое прекинување на рускиот увоз ќе ја влоши веќе постоечката енергетска криза предизвикана од недостигот.