Унгарската владејачка партија Фидес чиј на претседател е актуелниот премиер, Виктор Орбан, поднесе вчера до парламентот предлог-закон за „заштита на националниот суверенитет“, за да се брани од, како што го нарече, несоодветно политичко мешање на странски лица или групи.
Законот доаѓа во време кога националистот Орбан, кој во изминатите 13 години повеќе пати се судри со Европската унија околу демократските права во Унгарија, ја засили кампањата на својата партија пред изборите за Европскиот парламент во јуни следната година.
Орбан, кој е на власт од 2010 година, ги отфрли обвинувањата дека ја поткопува демократијата во Унгарија.
Предлог-законот предвидува формирање на специјално тело кое ќе ги истражува и следи ризиците од политичко мешање и ќе препорача измени на регулативите.
Тоа, исто така, ќе го казнува забранетото странско финансирање на партиите или групите што се натпреваруваат на избори со до три години затвор.
„Суверенитетот на Унгарија е нарушен… Поткопан е… А, ако политичката моќ падне во рацете на лица или организации зависни од која било странска сила, организација или личност тоа носи зголемен ризик за националната безбедност“, се вели во нацрт-законот.
Пратениците ќе расправаат за законот пред неговото конечно одобрување.
Орбан, кој има двотретинско мнозинство во парламентот што му овозможува на Фидес да менува кој било закон, ја постигна својата четврта убедлива победа во 2022 година.
ЕУ ја блокираше Унгарија да повлече милијарди евра од фондовите поради споровите за владеењето на правото за време на мандатот на Орбан, кој себе си се прикажува како бранител на унгарските национални интереси.
Законот, кој првпат беше предложен во септември, се совпадна со започнувањето на кампања на огромни билборди во која се оцрнува претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и анкетите за политиките на Унијата, вклучувајќи го финансирањето на Украина и преговорите за членство во ЕУ со земјите зафатени од војна.







