Откако вчера силно ја погоди Флорида, ураганот „Идалиа“ се пресели во американската држава Џорџија, со силни ветрови и поројни дождови, јавува Би-Би-Си.
Ураганот од трета категорија со ветрови кои дуваа и до 200 километри на час ги поплави градовите во низината на западниот брег на Флорида, а повеќе од 400.000 луѓе останаа без струја на Флорида и во Џорџија.
Вкупната штета сè уште се проценува, но во настраданото подрачје жителите не можат да го попуштат чувството дека „Идалиа“ можеше да направи поголеми уништувања.
„Мислев дека некои луѓе после ураганот со месеци ќе бидат во темница“, изјави жител на Џексонвил за Би-Би-Си.
Официјални лица за управување со итни случаи на Флорида изјавија дека Пери, историски град со 7.000 жители југоисточно од Талахаси, е едно од најтешко погодените места.
Властите тврдат дека „Идалија“ е најсилната бура што го погодила овој дел на Флорида во последните 100 години.
Градоначалникот на Талахаси, Џон Дејли, рече дека забележал оти бурите во последните години стануваат поопасни.
„Се чини дека ураганите се помоќни, дека се поголеми и мислам дека тоа е причина да застанеме и да размислиме за заштитата на животната средина и глобалното затоплување и какви последици остава тоа“, истакна тој.
„Идалиа“ на Флорида донесе бран од 4,8 метри кон внатрешноста, потопувајќи ја малата крајбрежна населба Штајнхачи.
Ураганот бил кобен за 40-годишен возач кој изгубил контрола над возилото во округот Паско и се забил во дрво.
Во сличен настан загинал и 59-годишен маж во Гејнсвил.
Гувернерот на Флорида, Рон Де Сантис, исто така, предупреди на разорното влијание на бурата додека ги повикуваше жителите кои не ги послушале наредбите за евакуација да побараат засолниште.
„Немојте да го ризикувате својот живот правејќи некоја глупост во овој момент“, рече тој.
Невремето нагло се засили во текот на ноќта, поради невообичаено високите температури на водата во Мексиканскиот залив.
Повеќе од 40 окрузи ја откажаа наставата во училиштата во Флорида.
Аеродромот Тампа е затворен за комерцијални летови, а повторно отварање се планира за утре. Американските авиокомпании известуваат дека ќе бидат откажани повеќе од 850 летови.
(Фото: АФП)







