Денеска во Собранието со 69 „за“ и 40 „против“ Собранието ја усвои потребата законот за ратификација на договорот со Грција да биде донесен по скратена постапка. Веднаш по гласањето пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија седницата. Скратената постапка ја предложи министерот за надворешни работи, Никола Димитров, кој образложи дека повеќе од неопходно е да се донесе законот по скратена постапка, за Грција да може да го извести НАТО за пoканата.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев, истакна дека договорот е противуставен и прави непоправлива штета.
„Ова е капитулација, договорот е современ геноцид на нашето постоење. Тој е едностран, Македонија прифаќа ултиматум. Со спогодбата се наметнува ново име на државата под уцена“, рече Данев.
Договорот за промена на името, со кој се решава спорот меѓу Македонија и Грција, денеска е ставен во процедура за ратификација пред пратениците. Претседателот на Собранието, Талат Џафери, очекува тој да биде ратификуван до крајот на неделата.







