Трет член на американскиот Конгрес ја напушта функцијата поради обвинение за сексуално вознемирување и злоставување.
Републиканскиот конгресмен од Аризона Трент Френкс соопшти дека поднесува оставка затоа што Етичкиот комитет на Претставничкиот дом објави дека ќе отвори истрага поради можно сексуално злоставување на припаднички од неговиот персонал.
Во соопштението објавено доцна синоќа, Френкс признал дека членки на персоналот ги довел во непријатна состојба кога расправал за прашања за вештачко оплодување и раѓање по пат на сурогат родители, но го отфрли обвинувањето дека имал било каков физички контакт со некоја од нив, пренесе Гласот на Америка.
Соопштението на Френкс следеше откако сенаторот Ал Франкен во четвртокот најави дека ќе поднесе оставка, по се побурните барања од своите колеги да ја напушти функцијата заради обвинувањата на непримерно сексуално однесување.
Претходно оваа недела, од функцијата се повлече членот на Претставничкиот дом на Конгресот со најдолг стаж, демократскиот конгресмен од Мичиген, Џон Конијерс, кој ги отфрли обвинувањата дека сексуално вознемирувал неколку жени, вклучувајќи и поранешни членки на персоналот.







