За семејството Петерсен дознавме преку социјалните мрежи, по препорака на многу родители кои користат здрава храна за себе и за своите деца. Валентина Петерсен ни ја раскажа нивната приказна.
Валентина е од Македонија, по професија е социолог, а нејзиниот сопруг Хенрик, кој е од Данска, работи како механичар за камиони. Имаат две деца, Теа и Нино. Нино има 21 година и е техничар за мебел и ентериер, кој од неодамна живее со девојката Ана. Теа има 22 години и е машински инженер, работи по струка и во моментов е во Бејрут. Валентина е задоволна што нејзините деца се независни и успешни.
„Живеевме во центарот на Скопје до пред десет години и решивме да се обидеме да живеме надвор од градот. За нас веќе беше премногу стресно да се живее во град. Се мислевме како ќе биде поради децата, нивното образование и како ќе функционираме од таму. Решивме да се обидеме и откако отидовме веќе не се вративме назад, вели Валентина.
Сега нивниот дом е во атарот на скопското село Моране, општина Студеничани, на половина пат меѓу Драчево и Зелениково. Валентина истакна дека живеат на чист воздух, во мир и уживаат во природата.
Според неа, сепак е тешко да се живее надвор од градот зошто инфраструктурата не е решена, јавниот превоз треба да се подобри и секогаш мора да се има алтернатива, на пример ако снема струја, вода и сл.
За фармата „Петерсен“
Валентина со задоволство ни ја објасни нивната идеја за фармата „Петерсен“ или homestead.
„Не се работи за фарма во класична смисла на зборот, туку homestead или имот, потенцира Валентина.
Таа ни раскажа дека по периодот на адаптација во Моране, почнале да размислуваат за производство на здрава храна. Почнале со потполошки зошто јајцата, како што вели, се благодет за секој организам и се многу корисни. На почетокот имале десетина потполошки, а сега околу 80-тина.
„Почнавме со потполошките пред пет-шест години. Пробувавме, слушавме поискусни, читавме, грешевме многу, учевме од своите грешки. Имаме инкубатори и сами ги ведеме, од јајце до возрасна единка. Се е наш производ. И инкубаторите што ги имаме сами ги произведуваме, рече Валентина. Посочи дека фармата и дружењето со птиците за неа е хоби, терапија.
Поради големиот простор подоцна Петерсен решиле да чуваат кокошки. Во моментов имаат 60-тина кокошки од сортата „сасекс“. Валентина ни појасни дека оваа сорта кокошки во Македонија е дојдена од Англија, а имаат многу вкусно месо и се добри несилки. Со нив минатата година биле на изложба на украсни птици и животни во Скопје и добиле високи оцени.
Петерсен имаат неколку мисирки и 30-тина дукатки или бисерки, кои имаат намера да ги прошират. Запознавајќи не се овие птици, Валентина потенцира дека несат јајца само надвор и сами си прават гнезда во некој џбун или подзатскриено место. Нивните јајца се разликуваат од останатите бидејќи имаат шест месеци рок на употреба, кога се сирови, а побогати се со каротен и со А витамин.
– Јајцата од дукатките се уште не се познати кај нас бидејќи не ги одгледуваат многу. Тоа се африкански кокошки кои се многу гласни, викаат и дење и ноќе, а се многу добри чувари на куќата. Од нив ниедно животно не може да пројде, ни змии, гуштери…, рече Валентина и додаде дека работат на нивна афирмација.
Тие, како што рече, се одомаќинети кај нас, здрави се и корисни, имаат многу вкусно месо како месото од тетреб или фазан.
„Тоа е живина што се храни со она што ќе го најде во дворот, а кај нас е пуштена, слободна. Љубовта ми е голема. Кога еднаш човек ќе почне да чува животни не може да престане потоа. Тоа не беше ништо на сила, се беше спонатно со време и со љубов, вели Валентина.
Одгледуваат и зајачиња поради месото кое е без холестерол и многу здраво.
„Треба постојано да се чисти за живината да биде здрава. За чистење не користиме хемија туку само природни средства. Направивме се да биде од метал за дезинфекцијата да биде со бренер, со горење, рече Валентина. Додаде дека живината е прегледана и има постојано надзор од ветеринар.
Семејството Петерсен се што одгледува и произведува е наменето прво за нив, а потоа за пријатели и роднини, понекогаш даваат на подарок, а доколку нешто остане и продаваат. Сите заинтересирани можат да ги најдат на социјалните мрежи под името Фарма „Петерсен“ – Farm Petersen.
Валентина ни раскажа дека најмногу нарачки имаат на есен зошто, како што рече, тогаш го зацврстуваме имунитетот и за Велигден е најголемата побарувачка кога сите сакаат да си вапсаат домашни јајца.
„Искуството најмногу го црпиме од Данска, преку литература и контакти со луѓето од таму, наши пријатели и роднини. Им верувам нив. Во Данска 90 отсо од производството е органско, рече Валентина. Додаде дека куќата и плацот го купиле, но се друго создале сами, како фармата, кафезите и живелиштата за живината и за животните.
Петерсен имаат две кучиња, мачки, како и овошни насади: кајсии, праски, цреши, круши, како и ореви, бадеми или, како што вели Валентина, од се по малку.
Производство на здрава и органска храна во домашни услови
„Ние живееме на подножјето на Китка. Во селата на падините на Китка се чуваат овци, кози и крави и ние од локалните жители од селото си купуваме млеко и сами си правиме млечни производи, за нас. Произведуваме и домашни јуфки, со домашно кравјо млеко, со интегрално брашно и јајца од потполошка, вели Валентина.
Нивните пријатели ги нарачуваат, а неодамна една пратка со јуфки испратиле и во САД. Со многу љубов си прават и домашно лепче.
Луѓето нарачуваат, нагласи таа, а јас сакам да им понудам домашна храна за да пробаат нешто поинакво.
„Успехот на децата е наш поголем успех. На сите жени им посакувам да имаат сопруг како мојот. Тој е грижлив, прекрасен сопруг и татко, моја поддршка. Нему многу му се допаѓа Македонија, таа за него е дом и не сака да си оди од тука, потенцира Валентина.
Семејството Петерсен се скромни, задоволни, реални, шират позитивната енергија и велат дека имаат приходи.
„Се правиме сами, со љубов и се водиме со мотото „Треба постојано да се работи нешто“. Кога се работи нешто е поубаво, потенцира Валентина.
Магдалена Ристоманов







