Уметникот на тетоважи кој ослепи жена откако се обиде да и го обои очното јаболко во црно е казнет со 35.000 евра. Судот во полскиот град Вроцлав го прогласи Пјотр А. за виновен откако било откриено дека не знаел да тетовира очи и дека се користел со техника слична на таа за тетовирање на кожа, пренесува „Дејли Меил“.
Поранешната манекенка Александра Садовска, која тогаш имала 21 година, сакала да ги обои белките на очите во црно, по примерот на раперот по име „Попек“. За време на третманот, уметникот за тетоважи ја турнал иглата премногу длабоко во окото и користел мастило кое не е сертифицирано за употреба на очите. Набргу потоа, Александра почнала да се жали на болка во очите, за која тетоважистот и рекол дека е нормална и дека може да се лекува со лекови против болки.
Погрешното тетовирање резултирало со целосно губење на видот на десното око, а набрзо истото се случило и со левото око.
Адвокатите на Александра за локалните медиуми изјавија дека е докажано дека тату-мајсторот не знаел да направи толку деликатен зафат, но решил да се обиде, што довело до трагедијата.
Во меѓувреме, окото и е отстрането и е заменето со лажно.
„За жал, лекарите не ми даваат многу надеж за закрепнување.
Штетата е голема и премногу длабока, се плашам дека целосно ќе ослепам. Нема да се затворам во подрум и да очајувам, ќе живеам и понатаму“, изјави Александра.
Пјотра А. беше обвинет четири години откако почнаа маките на Александра, а и денес го води својот салон, каде главно се занимава со пирсинг на уши.
Освен паричната казна, тој добил и 360 часа општокорисна работа. После судската пресуда, која беше донесена на крајот на декември, адвокатите на Александра најавија жалба.
„Според наша проценка, сумата од околу 35 илјади евра и натаму е непропорционална со обемот на претрпената штета, односно тешкиот инвалидитет во облик на целосно губење на видот“, истакна адвокатот Павел Јагиелски.







