Нуклеарните централи и другите снабдувачи со енергија примија предупредување од американското Министерство за внатрешна безбедност и ФБИ дека хакери се обидуваат да извршат упад нивните компјутерски системи, пренесува АП.
Министерството за внатрешна безбедност на САД вчера соопшти дека не постои закана за безбедноста на луѓето и дека хакерите се обиделе да влезат во деловните и административните мрежи на системите, не наведувајќи притоа за кои системи се работи.
АП наведува дека е вообичаено ФБИ и Министерството за внатрешна безбедност да го советуваат приватниот сектор за можните сајбер закани за да им помогнат на надлежните да ги заштитат потенцијално ранливите мрежи.
Сепак, предупредувањето сега стигна после повеќекратни наводи во медиумите дека американските нуклеарни и други електрани можат да се најдат на мета на хакери. Се потсетува дека „Ројтерс“ и „Њујорк тајмс“ веќе известувале за предупредувањата кои стигнувале од владата во Вашингтон за активности на хакери.