Извештајот на Институтот за јавно здравје открива дека најголем дел од плажите во Охридско, Преспанско и во Дојранско се безбедни за капење, но старите проблеми со загадувањето остануваат. Во Охридско и натаму закана се фекалните води, септичките јами и неисправната канализација, а во Дојранско – пестицидите и отпадните води.
Институтот бара итно да се среди колекторскиот систем, да се спречат директните испусти во езерата и постојано да се следи состојбата.
Иако анализите покажуваат дека водата во Охридското, Преспанското и во Дојранското Езеро во најголем дел е безбедна за капење, најновиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) открива дека старите проблеми со загадувањето не само што не се решени туку на некои места и понатаму претставуваат сериозна закана.
Фекалните води, септичките јами, неисправната канализација, отпадните води и пестицидите се меѓу главните потенцијални загадувачи на трите природни езера.
Најпроблематичната слика и годинава доаѓа од Охридското Езеро. Според ИЈЗ, водата генерално ги исполнува законските критериуми и на најголем дел од плажите е оценета како „одлична“ или „добра“ за капење. Но, зад тие резултати стојат сериозни проблеми, кои со години остануваат нерешени.







