Шефот на финската партија од десниот центар Национална коалициска (NCP), Петери Орпо, вчера прогласи победа на парламентарните избори во Финска, каде што треба да ја наследи Сана Марин на премиерската позиција.
Според официјалните податоци, излезноста на изборите е 71,9 отсто, а како што покажаа првичните резултати, десничарските партии забележаа голем раст.
„Тоа е голема победа“, рече поранешниот министер, 53-годишниот Орпо, добивајќи аплауз од неговите поддржувачи.
„Ќе започнеме преговори за владата во Финска“, додаде тој.
Според проекциите на телевизијата „Уле“, Националната коалиција на Петери Орпо добива 48 од 200 места во парламентот, пред Финската партија со 46 места и социјалдемократите на досегашната премиерка Марин со 43 места.
Непосредно пред изборите, врз основа на анкетите, беше најавено вртењето на Финска надесно.
НЦП водеше во анкетите речиси две години, иако нејзината предност се стопи во последните месеци.
Партијата вети дека ќе ги намали трошоците и ќе го запре растот на јавниот долг, кој достигна нешто повеќе од 70 отсто од БДП откако Марин ја презеде должноста во 2019 година.
Орпо претходно ја обвини Марин дека ја поткопува финската економска отпорност во време кога европската енергетска криза поттикната од војната во Украина тешко ја погоди земјата, а трошоците за живот се зголемија.
Најави дека ќе преговара со сите групи за да добие мнозинство во парламентот.
Изборите се одржуваат само неколку дена пред службеното пристапување на Финска во НАТО.
(Фото: АФП / Веса Моиланен)







