Конзервативната медиумска куќа „Фокс њуз“, која го поддржува американскиот претседател Доналд Трамп, е обвинета денеска дека на негово барање објавила лажни вести неповолни за демократите.
Обвинувањата ги изнесе консултантот на „Фокс њуз“ за безбедност, полиција и правосудство Род Вилер. Тој наведе дека објавените лажни вести се поврзани за вработен во Демократскиот национален комитет, Сет Рич, кој е убиен во јули 2016 година.
Истрагата утврдила дека се работи за грабеж, но многу конзервативни медиуми наведувале дека станува збор за политичко убиство.
Според таа теорија за која нема никакви докази, Рич бил во контакт со лица од Викиликс на кои им пренел мејлови од Комитетот пред да биде откриен и убиен.
„Фокс њуз“ во средината на мај на својот сајт објави текст кој ја потврдува таа теза, а во кој се наоѓале и цитати од Вилер во кои тој потврдил дека Рич давал податоци на Викиликс и дека едно високо официјално лице се обидело да ја блокира истрагата за тој случај.
Вилер сега тврди дека тие цитати, на кои се заснова целиот текст, се измислени. Во тужбата поднесена во Сојузниот суд на Менхетен тој потврдил дека никогаш не изнел такви тврдења.
Неколку денаови по објавувањето, „Фокс њуз“ го повлече текстот, со објаснување дека не ја поминал „најстрогата уредувачка проверка“ и дека не биле испочитувани „стандардите“ на таа издавачката куќа.
Според Вилер, новинарот кој го напишал текстот соработувал со уште еден консултант, Ед Бутковски, близок со луѓе од најблиското опкружување на Трамп.
Вилер тврди дека тие двајца ја измислиле целата приказна за да ги ослабат демократите и да го намалат притисокот врз Трамп и членовите на неговиот тим поради сомневањата дека соработуваат со Русија.
Тој наведува дека Трамп лично го прочитал текстот пред да биде објавувен и побарал веднаш да биде закачен на интернет.
Шефот на информативната служба на „Фокс њуз“, Џеј Волас денеска обвинувањата на Вилер ги оцени како „потполни лаги“ и додаде дека спорниот текст е предмет на интерна истрага и дека „нема ниту еден доказ дека Вилер е погрешно цитиран“.








