Избирачките места во Франција денеска се отворени за вториот и последен круг од парламентарните избори кои ќе одлучат дали претседателот Емануел Макрон може да ја спроведе програмата поставена за следните пет години наспроти левиот блок предводен од Жан-Лук Меланшон. Французите избираат 577 пратеници во Народното собрание.
Целта на Макрон е повторно да обезбеди апсолутно мнозинство за центристичката коалиција „Заедно“, за да може да ги спроведе плановите за втор мандат, вклучително и контроверзната пензиска реформа и итно потребните подобрувања во образованието и здравството.
Но, коалицијата на левицата, „Новата народна еколошка и социјална унија“, составена од социјалисти, комунисти и зелени и предводена од Меланшон, би можела да го спречи Макрон да постигне апсолутно мнозинство.
Последните анкети објавени во петокот предвидуваат победа на коалицијата „Заедно“, но не е сигурно дека таа ќе освои апсолутно мнозинство од 289 пратеници во 577-члениот парламент, што е праг неопходен за спроведување на политиките и најавените реформи, објави вчера АФП.
Ако гласовите на Макрон бидат доволни само за релативно мнозинство, претседателот и владата ќе бидат принудени да бараат поддршка во други табори. Во тој случај ќе треба да склучат сојузи и договори за одредени нацрт-закони, а потоа малцинската влада ќе мора да се потпре на силите на левиот центар или на десниот центар, во зависност од проектот.
Макрон, исто така, сака да се фокусира повеќе на политиката за животна средина и посилно да ја развива нуклеарната и обновливата енергија, за што е потребно мнозинство во парламентот.
Затоа, одзивот е од клучно значење. Во првиот круг на изборите излегле само 47,5 отсто од запишаните 48,9 милиони гласачи, што е рекордно ниска излезност. На трето место по бројот на освоени гласови се најде крајнодесничарската партија Национален собир на Марин Ле Пен, а на четврто десничарските републиканци.
Гласањето веќе започна во сабота во некои прекуокеански територии на Франција. Првите резултати се очекуваат наскоро по затворањето на гласачките места во 20 часот.
Иако многу Французи беа незадоволни од резултатите на Макрон на власт, на 44-годишниот лидер му одеше во прилог фактот што парламентарните избори во Франција се доживуваат како потврда на претседателските избори. Традиционално, во гласањето учествуваат главно приврзаниците на победниците, додека останатите често остануваат дома. Макрон во април, на претседателските избори, освои втор мандат.
Без оглед на точниот однос на силите во парламентот, Германија и Европа сè уште можат да сметаат на Франција како доверлив партнер. Франција, исто така, ќе остане составен дел на обединетиот фронт на Западот против Русија, агресорот во украинскиот конфликт. Се очекува социјалистите и републиканците да застанат во солидарност со коалицијата на Макрон за европските прашања наместо да ги блокираат.
(Фото: ЕПА)