Околу 200 приврзаници на поранешниот претседател на Грузија, михаил Сакашвили ги блокираа патиштата и поставија барикади во Киев после неговото апсење. Како што јави РТ, приврзаниците успеале да го ослободат од полицискиот автомобил.
Полицијата употребила солзавец за да ја разбие толпата народ околу возилото во кое се наоѓал Сакашвили за да биде одведен на сослушување.
Неговите приврзаници го извлекле од возилото и го одвеле во блиската црква, каде што им се обратил на насобраните.
Тој ги повика луѓето да се соберат на плоштадот Мајдан и да ги срушат украинскиот претседател Петр Порошенко и неговата „банда“.
„Ве повикувам да почнете мирен протест за смена на претседателот Петр Порошенко. Не треба да се плашите од ништо“, рекол тој.
Неколку луѓе се повредени во судирите меѓу приврзаниците на Сакашвили и припадниците на украинските сили за безбедност, пренесуваат локални медиуми.
Цитирајќи го министерот за полиција, РИА Новости пренесува дека една жена е приведена поради кршење на прозор на полициски автомобил.
Како што наведуваат медиумите, полицијата ги растерува луѓето од полициското возило за да овозможи Сакашвили да биде одведен на сослушување.
Сакашвили рано утринава се закани дека ќе скокне од една зграда во Киев, после што беше уапсен од страна на припадници на украинската полиција.
Украина не го разгледува предавањето на поранешниот грузиски претседател и сега лидер на украинското опозициско Движење на нови сили, Михаил Сакашвили, на Грузија.
Неговото апсење е поврзано со наводни злосторства против Украина, изјави државниот обвинител Јуриј Луценко.
„Моментно не е работата во депортација или испорака. Во случајов станува збор за испитување на осомничениот за многу сериозно кривично дело“, изјави Луценко на конференција за новинари, пренесе Ројтерс.








