Со последната одлука на Холандија, се укинува задолжителниот карантин од десет дена за оние патници кои се целосно вакцинирани, без разлика дали доаѓаат од групата високо ризични земји, каде спаѓа и Македонија.
Како што соопшти Министерството за надворешни работи, во исто време, и Шведска ја укина привремената забрана за влез во земјата. Со најновата одлука, луѓето кои патуваат во Шведска и коишто можат да презентираат сертификат за вакцинација издаден во Македонија, Сан Марино, Швајцарија, Турција, Украина или Ватикан, се ослободени од забраната за влез и од условите за тестирање.
Инаку, според одлуката на Европската комисија, сертификатите за вакцинација издадени во овие земји се еквивалентни на дигиталниот COVID сертификат на Европската унија, што значи дека таквите сертификати можат да се проверат и потврдат на ист начин со користење на истите технички системи како и сертификатот на Унијата.
Соодветно на високата стапка на вакцинација, слични олеснителни мерки кои би се примениле наскоро најави и Белгија, и тоа почнувајќи од први октомври. Покрај проширувањето на употребата на КОВИД сертификатот, од Белгија најавија и намалување или целосно укинување на обврската за носење заштитни маски.