Слични цени во маркетите, но различен есап на крајот. Вака во една реченица „Блумберг Адриа“ го опишува пазарувањето што новинарите од нивните редакции од пет држави во регионов го направија неодамна.
Новинари од Македонија, Словенија, Хрватска, Србија и Босна и Херцeговина во исто време беа да купуваат исти производи. Купени се 16 основни намирници, а изборот бил најблискиот маркет до редакцијата, но кој што остварил најголеми приходи во 2021 година.
Според тоа, се пазарело во македонски „КAM“, босански „Бинго“, српски „Макси“, во хрватскиот „Конзум“ и во словенечкиот „Меркатор“.
Со оглед на тоа што сме сведоци дека во продавниците цените се менуваат буквално секојдневно, пазарувано било во исто време, во средата, на 28 септември, во 13 часот.
Знаејќи дека понудата во маркетите е многу голема, но и дека не секаде се нудат еднакви производи, „Блимберг Адриа“ се обиде да ги спореди цените на најевтиниот производ од конкретниот список на прехранбени и производи за хигиена.
За купување на вкупно 16 конкретни производи, определени според вид и големина на пакување, најмалку платиле потрошувачите на македонски „КAM“. Сметката таму чинела 19,23 евра. Тоа е за 3 евра помалку отколку кога истите производи би се купиле во српскиот маркет „Макси“. Таму, пак, сметката била 22,24 евра.
За купување на истиот список артикли во маркетот „Бинго“ во Босна и Херцеговина биле потрошени 23,35 евра.
Во хрватскиот „Конзум“ вкупната вредност на производите е 25,51 евра, додека највисока е сметката во словенечки „Меркатор“, за што треба да се издвојат дури 30,48 евра.
Невозможно е, покажува анализата на „Блумберг“, да се премине преку еден многу важен фактор – платите.
Во цени на производите не се гледаат значajни разлики, што не е случај со просечната плата.
Според официјалната статистика за месец јули, како последни објавени податоци, Македонците имаат најниска просечна плата од 515 евра, во Босна и Херцеговина просекот е за над 50 евра повисока и изнесува 571 евро. Нешто подобри од тоа се Србите, чија плата е 623 евра. Далеку подобри се примањата во Хрватска и Словенија. Хрватите имаат двојно повисока плата од Македонците, или 1.006 евра, а Словенците се подобри за 2 и пол пати, со просечна нето плата од 1.304 евра.
Разликата меѓу најниската и највисоката просечна плата е скоро 800 евра, но разликата во потрошените пари во маркетот за истите производи е 11 евра.
(Фото: „Вечер“)







