Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, претставничката на УНДП во Македонија, Луиза Винтон и Билјана Јовановска, директорка на Агенцијата за вработување. потпишаа нов Оперативен план на активни мерки за вработување.
На потпишувањето на договорот присуствуваше и премиерот Зоран Заев.
Премиерот Заев, по потпишувањето на договорот, истакна дека Владата на Република Македонија и Министерството за труд и социјална политика веќе го спроведуваат новиот Оперативен план за 2018, со комбинирање на мерки и услуги, чија основна цел е да се поврзат капацитетите на невработените, со профилите кои се бараат од страна на бизнисот.
„Поддршката и помошта што ни доаѓаат од УНДП се многу значајни за Македонија и нашите граѓани. Оваа година УНДП ќе го поддржи спроведувањето на три мерки од Оперативниот план на активни мерки за вработување кои ќе имат за цел да го помогнат претприемништвото, воспоставувањето на локални партнерства и новиот модел на обуки за занимања и вештини кои ја зголемуваат вработливоста и создавањето на квалитетни работни места.
Овие мерки се исклучително важни. Социјалната и економската инклузија мора да се одвива паралелно со реализација на приоритетите на Владата за економнски раст и развој, со креирање на нови работни места и со зголемување на конкурентноста на пазарот на труд“, порача Заев.
Постојаната претставничка на УНДП во Македонија, Луиза Винтон, пак, потврди дека продолжува поддршката партнерскиот однос на УНДП и македонската влада во креирање на работни места во приватниот сектор преку промоција на претприемништвото и развој на вештини според потребите на пазарот на трудот.
„Нашите напори во овој сегмент изминатата декада резултираа со отворање на околу 10.000 нови работни места. Благодарение на подготвеноста на актуелната Влада да адресира повеќе ресурси во борбата против невработеноста и да го отвори пазарот на трудот, за оваа 2018 година поставивме уште по амбициозни цели“, рече Винтон.
Царовска во своето обраќање зборуваше за мерките и новитетите што ги обезбедува Оперативниот план на активни мерки за вработување.
„Тоа што е различно од претходните оперативни планови и што дава подобар ефект е тоа што мерките се прилагодени на потребите на работодавачите, на потребите и квалификациите на младите и ранливите групи и има можност за поврзување на мерките, што досега не беше случај. Значи имате можност да поминете обука, преквалификација или доквалификација и веднаш потоа да користите друга мерка што значи директно вработување. Дадовме можност мерките да ги користат и социјални претпријатија, но и граѓанските организации, бидејќи знаеме дека голем број млади луѓе се неформално вработени во овие организации и сега имаме можност за нивна формализација. И ниту една од овие мерки не значи ослободување од придонеси за здравствено и социјално осигурување, затоа што ние сме одговорна Влада, која што се грижи за иднината на фондовите и за идните генерации“ потенцираше министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.
Директорката на Агенцијата за вработување, Билјана Јовановска инфомираше за степенот на реализација на мерките од Оперативниот План за вработување и информираше дека забележителен е голем интерес за мерките и додаде дека во соработка со Владата на Република Македонија, доколку има потреба, ќе се обезбедат и дополнителни средства за да се зголеми опфатот на невработени лица.
„Најголем интерес е пројавен за мерката за субвенционирање на плати, каде веќе се поднесени апликации од 900 работодавачи за вработување на 1158 лица, а од страна на невработените лица се поднесени 965 апликации за учество“, соопшти директорката Јовановска.








