„Денеска овде во Преспа почнуваме да пишуваме нова среќна песна“, рече грчкиот премиер во обраќањето за време на церемонијата на потпишување на договорот меѓу Македонија и Грција.
Ципрас посочи дека е љубител на балканската музика, особено на блех музиката, но и на среќните и весели мелодии од регионот и нагласи дека дојде време повторно да пееме среќни песни на Балканот, а денес се прави првиот, смел чекор во оваа насока.
„Една таква нова песна започнуваме да пишуваме овде во Преспа. Нашата цел е оваа песна на радоста да се пее многу векови и од многу идни генерации, на нашиот јазик и на вашиот јазик, во нашата земја и во вашата земја, од нашиот народ и од вашиот народ. Песна што ќе го слави мирот“, истакна Ципрас.
Потпишувањето на договорот го окарактеризира како состанок со историјата. Според него договорот е патриотски и ги повика граѓаните на двете земји да го прифатат без предрасуди.
„Напорно и неуморно стигнавме до заемно прифатлив договор, кој целосно ги почитува основните принципи и вредности на двете страни, договор кој денес ни дозволува да им се обратиме на граѓаните на двете земји, да ги погледнеме во очи и да ги повикаме да го прочитаат и да го поддржат без предрасуди. Ако душата на секој народ е неговата историја, тогаш во нашиот договор се отсликани душите и на двата народи“, рече Ципрас.







