Европските полиции интензивно трагаат за украдената цистерна со 34.000 литри хемиска супстанција која би можела да го загрози здравјето и животите на многу луѓе. Се сомнева дека од неа може дури да се направи и експлозив.
Во прашање е, наводно, покретна бомба која би можела да направи голема трагедија ако цистерната биде искористена за евентуален напад. Таа, велат, претставува опасност дури и ако направи обичен судар.
Цистерната со белгиски регистерски таблички 1-ЛјЕБ-708 исчезна од кругот на една фирма во Заделгем во западна Фландрија, во ноќта меѓу саботата и неделата, а таа вест дури во вторникот стаса до медиумите.
Интерпол ги алармираше полициите од европските земји да бидат во потполна подготвеност, особено во пограничните делови. Сите се претпазливи, пред се Шпанците, Французите, Белгијците и Италијанците. Постои сомневање дека, во меѓувреме, регистерските таблички се сменети.
Многу непознати елементи го следат овој случај. Медиумите од повеќето земји информираат дека од украдената течност може да се направи експлозив.
Некои медиуми јавија дека во прашање е радиоактивна течност, додека други истакнуваат дека станува збор за производ кој што се користи во градежништвото. До различни толкувања доаѓа заради тоа што властите во вторник не соопштија детали во врска со овој случај. Не се знае ниту како дошло до кражбата, ниту што точно се наоѓа во цистерната и во кој правец таа тргнала.
Државниот обвинител од градот Бриж и белгиската полиција потврдија дека дошло до кражба на товарното возило, но истакнаа дека нема сознанија дека во прашање е терористичка акција и дека овој хемиски производ е одземен со цел да се направи експлозивна направа.