Денес Швајцарците гласаат за низа врели прашања: за мерки против терор, за прописите за сузбивање на пандемијата со ковид-19 и за забрана за употреба на пестициди.
Гласачите ќе мораат да одлучат дали ќе го одобрат законот за ковид-19 кои ќе ги зајакне владините овластувања за борба против пандемијата и ублажување на последиците за општеството и економијата.
Меѓутоа, два предлога против пестициди кренаа најмногу прашина во кампањата обележана со жолчни расправи на земјоделците.
Првата иницијатива, под името „За Швајцарија слободна од синтетички пестициди“, повикува на нивна забрана за период од 10 години, додека увезената храна произведена со помош на такви пестициди би била забранета.
Според втората, „За чиста питка вода и здрава храна“, право на владини субвенции би имале само оние земјоделци кои не користат пестициди и антибиотици.
Би се ограничила и количината на течното ѓубриво кое се користи на полињата и може да ја загади водата.
Активистите за заштита на човековата околина и политичката левица ги поддржуваат двете иницијативи.
Швајцарската влада сака двете да ги одбие, тврдејќи дека тие предлози би го поткопале прехранбениот суверенитет на земјата.
Иако градските гласачи се претежно за тие предлози, изгледа дека бирачите од руралните подрачја ќе гласаат против.
Анкетите покажуваат дека двата предлога веројатно ќе бидат отфрлени.
Според швајцарскиот систем на директна демократија, на секои неколку месеци се одржуваат референдуми на национално, регионално и локално ниво.
Било која идеја на граѓаните може да биде ставена на национален референдум ако собере 100.000 потписи, од вкупно 8,6 милиони жители.
За референдум за новите закони кои ги договори парламентот потребни се 50.000 потписи.
Заштитата на околината е, исто така, една од темите денеска, а се гласа за новите прописи за јаглеродниот моноксид.
Законот преку даночната политика би ја намалил емисијата на гасови за 50 отсто до 2030 година, во однос на 1990 година, вклучувајќи финансиска поддршка за поставување на пунктови за полнење на електрични возила и продажба на возила кои трошат помалку гориво.
Би се зголемиле, исто така, даноците на мазут и гас, и би се вовел данок на авионските карти за странство.
Противниците на законот истакнуваат дека мерките ќе бидат скапи и дека најмногу ќе ги погодат граѓаните со ниски и средни приходи.
Анкетите покажуваат дека резултатот од гласањето е неизвесен.
Од друга страна, се очекува дека јасно мнозинство ќе го поддржи новиот закон зголемување на полициските овластувања во борбата против тероризмот, и покрај предупредувањата од страна на Обединетите нации и Амнести интернешенел.
Законот и овозможува на полицијата полесно и превентивно да дејствува против „потенцијалниот терорист“.
Ако полицијата смета дека некое лице постаро од 12 години размислива за тоа да стори насилно дело, законот и овозможува засилен надзор, ограничување на движењето на осомничениот и негово испитување.
А, со судски налог може и да го стави секое лице постаро од 15 години во куќен притвор на најмногу девет месеци.
Левичарските противници на законот сметаат дека тој ја поткопува иднината на земјата кога станува збор за почитувањето на човековите права.
Од владата истакнуваат дека основните права ќе бидат загарантирани и тврдат дека програмите за дерадикализација не се доволни за државата да биде сигурна.
Швајцарија до сега беше поштедена од големи напади какви што доживеаја други европски земји.
Властите предупредуваат дека нивото на закана е високо, потсетувајќи дека два напади со нож минатата година веројатно биле „терористички мотивирани“.
Референдумот за прописите за ковид-19 најверојатно лесно ќе помине.
Сите вонредни мерки кои ги воведе владата, како што се мерките за борба против пандемијата, временски се ограничени и треба да се потврдат за да бидат преодолжени.
Прописите, исто така, ја регулираат финансиската помош одобрена за поединци и фирми, вклучувајќи додатоци за загуба на приходите и поддршка на културните организации.