По третпат за два месеци, од ноември од појавата на „омикрон“ досега, шведските власти ги заострија епидемиолошките мерки.
Премиерката Магдалена Андерсон на денешната вонредна прес-конференција најави нови мерки кои се во согласност со сегашната, актуелна, шведска стратегија и главно се однесуваат на ограничување на јавните собири и ширење на постоечките препораки за ублажување на притисокот врз здравствениот систем.
Шведските граѓани повторно се повикуваат да работат од дома и да избегнуваат јавен превоз, пред се поради персоналот кој не може да го стори тоа, како медицинските сестри, градежниците и воспитувачките во градинките. Овој пат се очекува државните и јавните институции да бидат предводници во работата од дома. Се ограничува работното време на рестораните и кафулињата до 23 часот, со дополнение дека во едно друштво или на една маса може да има најмногу осум лица.
Бројот на учесници на јавните собири за кои не се потребни сертификати за вакцинација е намален од 500 на 50, а промената која најмногу ќе го погоди секојдневниот живот на Швеѓаните е ограничување на сите јавни собири, како што се натпреварите и концертите, на 500 учесници. Сите споменати мерки важат од среда, освен оваа последната, за која е потребно одредено време за да се приспособи.
Ширењето на ковидот во Шведска е на историски високо ниво
„Нема сомнеж дека ситуацијата се влоши. Инфекцијата се шири исклучително брзо. Милиони Швеѓани се одговорни и се вакцинираа. Многумина сега примаат и трета доза од вакцината и тоа прави разлика. И покрај тоа, сметаме дека состојбата бара натамошни мерки за да се спречи ширењето на ковидот и да се намали притисокот на здравствениот систем. За да може здравството да ги исполни своите задачи на долг рок, мораме да го намалиме ширењето на инфекцијата“, рече шведската премиерка.
Под влијание на новиот вид „омикрон“, бројот на пациенти со корона вирус во шведските болници нагло се зголеми за многу кратко време. На првиот ден од декември ги имаше 341, а во понеделникот дури 1.091. Истовремено, зголемен е бројот на пациенти на одделенијата за интензивна нега, но многу помалку отколку во претходните бранови на инфекција. За нешто повеќе од еден месец бројката од 21 се искачи на 121, за во последните неколку дена да се спушти на 101, што укажува на ефикасноста на вакцината, потоа на имунитетот што милиони граѓани го стекнале со прележување на короната, но и на можноста дека „омикрон“ не е толку опасен како претходните видови.
Повеќе од 20.000 новозаразени дневно
Меѓутоа, колку е заразен видот „омикрон“, сведочи фактот дека во средината на ноември Шведска имала околу 1.000 заразени дневно, а во последните денови бројката се зголеми или, поточно речено, експлодираше на повеќе од 20.000. Притоа, стапката на смртност незначително се зголеми, па последните недели во Шведска од ковид починаа педесетина луѓе. Рекордни нивоа бележат и другите нордиски земји, Норвешка, Финска, Исланд и Данска, кои во моментов имаат највисоки стапки на инфекција во последните 14 дена во Европа, после Андора и Ирска.
„Повеќето од нас веќе се прилично уморни од пандемијата. Не е едноставно да се разбере зошто треба да се воведат нови ограничувања. Откако се појави ‘омикрон’, пандемијата делумно го промени обликот. Иако без сомнение вакцината штити од сериозни болести и смрт, таа не е толку делотворна во запирањето на ширење на заразата, па веројатно имаме големо ширење на инфекцијата дури и меѓу вакцинираните“, рече на прес конференција шведската министерка за здравство и социјална заштита, Лена Халенгрен.
Ширењето на заразата меѓу вакцинираните е причината поради која шведските јавно здравствени власти се откажаа од најавената поширока употреба на сертификатите за вакцинација.
Потврда за вакцинација е од голема корист за одредени активности
„Треба да најдеме начини за да се справиме со ширењето на инфекции и вируси, а истовремено нашето општество да може да функционира и да биде одржливо и слободно. Вакцината е многу корисна. Ако сте вакцинирани со две, по можност и со три дози, веројатно ќе добиете само многу благи симптоми и ќе можете брзо да се вратите на работа. Сертификатот за вакцинација е многу корисен за одредени активности, но засега не размислуваме за поширока употреба“, рече министерката Халенгрен.
До денес, во Шведска со две дози се вакцинирани 82,2 отсто од луѓето на возраст над 12 години, а околу една третина од возрасната популација ја примиле третата доза. Од почетокот на декември во целата држава неделно се спроведуваат по околу 500.000 вакцинации.
Иако болничкиот систем сè уште не е преоптоварен, шведските власти се свесни дека потребата од медицинска заштита доцни неколку недели за ширењето на инфекцијата. Затоа, вистинските последици од бранот со „омикронот“ тешко дека ќе се видат до крајот на јануари.