Актуелните процеси во Република Македонија, имплементација на Планот 3-6-9 на Владата, со фокусот на реформи во судството, во разузнавачките и безбедносните служби, слободата на медиумите и транспарентноста, како и реформските процесите во одбраната, беа теми за кои денеска во Брисел разговараше министерката за одбрана Радмила Шекеринска во Штабот на НАТО на средби со високи претставници на Алијансата.
Таа имаше одвоени средби со помошник-генералниот секретар на Алијансата за политички прашања и безбедносна политика, Алехандро Алваргонзалез и помошник-генералниот секретар на НАТО за одбранбена политика и планирање, Хајнрих Браус.
Двајцата соговорници, како што соопшти Министерството за одбрана, упатиле силна поддршка за реформски ориентираната Влада на Република Македонија и нејзините напори за исполнување на потребните критериуми во евроатлантските интегративни процеси.
Средбите се реализираа на маргините на состанокот на министрите за одбрана на земјите членки на НАТО и земјите учесници во мисијата „Одлучна поддршка“, кој се одржа вчера.
На овој состанок, министерката Шекеринска ги истакна стратешките цели на Македонија за членство во НАТО и најави засилено темпо и реформи кон исполнување на критериумите и стандардите на НАТО, како и зголемен придонес на Република Македонија во операциите на НАТО.







