Македонија и ЕУ не смеат да ја пропуштат сегашната шанса, порача денеска вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска во Париз, каде учествува на годишниот состанок на Европскиот совет за надворешни работи (ECFR).
„Македонија не може да ја пропушти оваа можност, но се надевам дека и ЕУ нема да ја пропушти оваа можност. Статус-квото никогаш не е опција за Западен Балкан. Или ќе одиме напред или ќе се вртиме во круг со истите проблеми, додаде таа.
Во рамки на состанокот се одржа панел дискусија за Западен Балкан и ЕУ – „Western Balkans: The EU and Great Power Competition“, на која Шекеринска се осврна на состојбите во земјава и регионот и потребата од интегрирање на Македонија и Западен Балкан во ЕУ.
„Франција во овие моменти им е потребна на Македонија и на регионот. Сега е моментот кога треба да се дејствува бидејќи ако сега се пропушти можноста тоа ќе значи уште една изгубена декада и тоа не само за регионот туку и за Европа, рече Шекеринска.
Во врска со спорот за името Шекеринска рече дека двајцата министри дојдоа до извесна рамка за компромис и дека Владата е цврсто решена да не бега од овој проблем.
„Верувавме дека решавањето на проблемите дома и со соседите е најкусиот пат до почнување на преговори за членство во ЕУ и во НАТО. Кога првпат застанавме на ЕУ патеката слушнавме дека Европската комисија и ЕУ се строги, но фер. Но она што го гледаме денеска е дека ЕК и ЕУ се строги, но полни со сомневања, посочи министерката Шекеринска.
Министерката рече дека Владата изминатата нецела година постигнала напредок во сите три клучни области – медиумските слободи, реформи во разузнавачкиот сектор и следење на комуникациите, владеење на правото и справување со корупцијата.
Таа додаде дека ЕК го нотирала овој напредок и согледала дека во земјата има политичко водство кое сака да прекине со минатото.
На панелот посветен на Западниот Балкан зборуваа и Михаел Рот, државен министер за Европа во германското Министерство за надворешни работи, претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот на Албанија Еди Рама.
Министерката Шекеринска е прв политичар од Република Македонија, која доби покана да биде член од оваа влијателна европска тинк-тенк организација, соопшти Министерството за одбрана.







