Ракометната академија Вардар годинава по шести пат го организира традиционалниот турнир „Еден живот, една љубов”.
Турнирот годинава ќе се игра во два викенда, и тоа викендите 5 – 6 октомври и 19 – 20 октомври.
„Изминатите пет години турнирот прерасна во силен и квалитетен настан каде членовите на Академијата ги развиваат и унапредуваат ракометните вештини. Во спортскиот центар „Јане Сандански” очекуваме повторно да се соберат најголемите вљубеници во ракометот – членовите на Ракометната академија Вардар“, објавија „црвено-црните“ на клупскиот официјален сајт.
Првиот викенд е резервиран за момчињата и девојките од генерацијата 2006/07, додека викендот 19 – 20 октомври ќе се одигра турнирот за генерациите 2008/09 и за децата родени 2010 година и помали кои се натпреваруваат во мини – ракомет.
Во машка конкуренција пријавени се екипите на: Урдаревски Вардар, Ангели Вардар, Филип Вардар, Будимир Вардар, Бисинов Вардар и Балтепе Вардар.
Во конкуренција на девојчиња ќе настапат: Будимир 1 Вардар, Будимир 2 Вардар, Драчево Вардар, Делчево Вардар и Седмерец Вардар.







