Американскиот министер за одбрана, Лојд Остин, е позитивен на ковид-19 со благи симптоми, но ќе ги задржи сите овластувања за време на неговиот престој во карантин, во неговиот дом, во следните пет дена.
Остин, кој е вакциниран, а дури прими и бустер доза, вчера беше позитивен по направениот тест, а во изјава за медиумите рече дека последен пат се сретнал со американскиот претседател Џо Бајден на 21 декември, повеќе од една недела пред да почне да чувствува симптоми, пренесува новинската агенција Ројтерс.
„Како што мојот лекар јасно ми стави до знаење, мојот статус на целосно вакцинирана личност и бустер дозата што ја примив на почетокот на октомври, ја направија инфекцијата многу поблага отколку што инаку би била“, рече Остин.
Тој рече дека претходно, во текот на вчерашниот ден, побарал да биде тестиран бидејќи почувствувал одредени симптоми додека бил дома.
„Во мерка колку што е тоа можно можно, планирам виртуелно оваа недела да присуствувам на оние клучни состаноци и дискусии кои се потребни за донесување одлуки. Ќе ги задржам сите овластувања“, нагласи Остин и додаде дека неговата заменичка Кетлин Хикс ќе го застапува во некои работи.
Брзото ширење на високо преносливиот вид „омикрон“ доведе до нагло зголемување на инфекциите со Ковид-19 во Соединетите Американски Држави.
Американските власти во саботата регистрираа 346.869 нови случаи на корона вирус, додека бројот на смртни случаи се зголеми за 377, на 828.562, според податоците на Ројтерс.
(Фото: ЕПА)







