Членството во НАТО е од голема корист не само за Македонија, туку и за Алијансата, а интегрирањето на регионот може да биде дополнителен фактор за стабилизација на Европа во целина, изјави министерката за одбрана Радмила Шеќеринска, во заедничко интервју за порталот „Европски Западен Балкан“ со министрот за одбрана на Црна Гора Предраг Бошковиќ.
Според Шеќеринска регионот е подготвен да се издигне над маглата на национализмот и да ја остави историјата на историчарите.
„За првпат во историјата во Македонија граѓаните гласаа надвор од нивниот етнички и верски блок. Сметаме дека тука постои политички и општествен капитал. Сакаме да бидеме светилник за Балканот и да ја шириме пораката за коегзистенција. Ова е камен темелник на нашата внатрешна стабилност, вели Шеќеринска, во интервјуто за порталот „Европски Западен Балкан“.
Црногорскиот министер Бошковиќ, во интервјуто вели дека НАТО во Црна Гора добил кредибилен партнер, што ќе биде гарант на стабилноста и безбедноста на Западен Балкан, а полноправното членство дополнително ќе поттикне посилна билатерална соработка со земјите од регионот.
Прашан дали членството на Црна Гора во НАТО ќе влијае на земјите од регионот, Бошковиќ, вели дека успехот на Црна Гора во интеграцискиот процес претставува поттик за останатите земји да бидат истрајни во спроведување на темелните реформи, кои се услов за членство.
„Нашата земја е јасен показател дека вратите на НАТО се отворени за сите држави кои имаат силна политичка волја и потребни капацитети квалитетно да ги спроведат реформите во своите општества. Црна Гора е подготвена да даде и конкретна експертска помош на земјите аспиранти во процесот на интеграција, истакнува Бошковиќ.
Шеќеринска членството на Црна Гора го оценува како позитивен пример и мотивациски фактор.
„Приклучувањето на Црна Гора многу ефикасно покажа дека политиката на отворени врати е вистинска и дека исполнувањето на неопходните услови и критериуми за членство се можни. Во Македонија сме длабоко охрабрени од овој чекор и тоа е потсетник дека Македонија може да биде 30 член на Алијансата, изјави Шеќеринска.
Во однос на евроатлантските интеграции, Шеќеринска посочува дека Македонија напредува на патот кон НАТО и ЕУ.
„Внатрешниот консензус е цврст, посветеноста е неспорна и напорите носат плод. Ние создаваме систем. Нешто што ќе гарантира дека тоа што се случи изминатата деценија никогаш да не се повтори. Македонија е европска земја и ние сме одлучни да живееме како Европјани, изјави Шеќеринска.







