Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од СДСМ, Петре Шилегов вчера на четвртиот ден од кампањата за Локални избори 2017, одржа средба со граѓанските организации во Скопје, што ги застапуваат правата на српската заедница во Македонија.
Шилегов ги посети и пензионерите во реонскиот парк во Ѓорче Петров. На кејот на реката Лепенец во општина Ѓорче Петров, Шилегов се осврна на уредувањето на кејот на реката и на пробивање на булеварот Илинден, што е дел од инфраструктурните проекти во изборната програма на кандидатот.
„Во овој дел од Скопје предвидуваме многу важни инфраструктурни решенија. Овде кај Лепенец ќе ја споиме Илинденска со Ѓорче Петров и Волково. Ќе продолжиме и ќе ги споиме Љубљанска и булеварот Словенечка, за превозот во Скопје, да има логика. Ќе ја ревитализираме железничката станица затоа што железницата ќе ја вклучиме во јавниот превоз во Скопје.
„На влезовите во Ѓорче Петров и Волково ќе изградиме кружни текови со цел да го успориме сообраќајот затоа што од брзиот сообраќај зависат животите на нашите граѓани. Оваа кампања не е иста како било која друга кампања.
„Оваа кампања е за новите политики на градоначалниците во Скопје. Политики за Живот во Скопје.
„Политики во којшто ќе градиме инфаструктура достапна за сите. Политики со коишто ќе ги вратиме парите кај граѓаните, нудиме можности за сите. Политики со коишто носиме чиста околина затоа што нудиме здравје за сите.
„Политики во коишто ќе отвориме еден нов, поинаков, услужлив град, град за потребите на граѓаните, изјави Шилегов.
Во текот на вчерашниот ден тој имаше средби и со пазарџиите во општина Ѓорче Петров, како и со дуќанџиите во локалниот трговски центар, а го посети и партискиот штаб во Волково.







