Најдобриот српски тенисер Новак Ѓоковиќ од денеска го почнува своето учество на мастерсот во Монте Карло и во првото коло се среќава со Душан Лајовиќ.
Во очекување на тој меч Ѓоковиќ ја искористи приликата да се забавува.
Српскиот ас учествуваше на егзибиционен турнир што го организираше принцот Алберт од Монако.
Оваа тениска забава беше од хуманитарен карактер, а Ѓоковиќ се најде во потполно нова улога. Овој пат не беше на теренот, туку седеше на високата столица крај мрежата и им делеше правда на учесниците.
Популарниот Ноле го збогати спектаклот, кој имаше за цел да се соберат пари за оние на кои им се потребни. Освен тој, на „турнирот“ учествуваа и други тенисери, меѓу кои Давид Гофан, Марин Чилиќ, Доминик Тим, Алаксандар Зверев, но и фудбалери, кошаркари и актери.
Ѓоковиќ не ја криеше среќата што имал прилика да учествува на настанот, што јасно го истакна и на социјалните мрежи.
„Сјаен ден за егзибиција која ја организираше принцот Алберт. Понеделник е ден за настап на вистинскиот турнир. Одиме“, напиша Новак на Инстаграм.