Демократската партија на социјалистите вечерва ја прогласи победата на Мило Ѓукановиќ на претседателските избори во Црна Гора. Според прелиминарните податоци, нивниот кандидат освоил 55,1 отсто од гласовите.
Ѓукановиќ во своето обраќање вечерва порача дека стасал моментот да се каже дека ветувањата се исполнети и дека е остварена изборна победа во корист на Црна Гора. Тој соопшти дека освоил околу 54 отсто од гласовите на граѓаните.
„Овој резултат го разбирам како решеност на Црна Гора да продолжи по патот за достигнување на европските квалитети, до полноправно членство во ЕУ“, истакна новиот црногорски претседател.
Тој им се заблагодари на граѓаните за довербата што му ја дадоа, а благодарност упати и до коалиционите партнери кои, според него, покажале изскрена приврзаност кон Црна Гора.
„Испративме порака на сите во државата и надвор од неа дека сме непобедлива коалиција“, посочи човекот со најдолг политички стаж во Црна Гора.
Патем рече дека исто како и во кампањата нема да троши време на противкандидатите, но им упати порака на лидерите на опозициските партии за кои истакна дека се вистински противници на неговата политика и на политиката на ДПС.
„Овој резултат е толку убедлив и надмоќен за конечно да ги преиспитате вашите гледишта. Не може ништо добро да се направи со систематско негирање на добрите остварувања до кои дојде Црна Гора во изминатото. Ова е вистинска прилика да се преиспирате и за да сфатите дека не може ништо добро да се направи пркосејќи и на демократијата во државата и со негирање на слободната и демократска волја на бирачите.“
На крајот порача дека „раката е подадена“ и укажа дека пред Црна Гора има уште многу предизвици.
„Сакаме да ги обединиме црногорските потенцијали и заедно да работиме на решавање сите предизвици со кои се соочуваме на својот демократски развој. Мојата идеја водилка на должноста претседател ќе биде да ја продолжам исклучителната соработка со сите државни органи и со општествената заедница заради остварување на сите желби, барања и сонот на секој црногорски граѓанин. Пред нас се многу предизвици за подобар економски развој, за пораст на стандардот, за совладување на поделбите… Имам цврста намера и добра волја тие поделби да ги надминеме“, рече Ѓукановиќ.
Тачи прв му ја честиташе победата на Ѓукановиќ
Косовскиот претседател Хашим Тачи вечерва прв од регионот му честиташе на лидерот на Демократската партија на социјалистите, Мило Ѓукановиќ за победата на претседателските избори во Црна Гора, јавуваат црногорските медиуми.
„Му честитам на мојот стар пријател Мило Ѓукановиќ за победата. Ова е победа за Црна Гора, но и за целиот регион кој тежнее кон интеграција во НАТО и во ЕУ“, напишал Тачи на својот профил на Твитер.
Бојаниќ: Нема да му честитам на Ѓукановиќ
„Црна Гора бираше како што бираше. Јас сум горд на својот резултат. Имавме за противник човек којшто ги зароби институциите и државата. Јас ќе продолжам да се борам и ова е добра основа за нова борба. Воведовме нова реторика, но Црна Гора тоа не го препозна. Продолжуваме со борбата за ослободување на Црна Гора од диктатурата на Мило Ѓукановиќ“, рече вечерва кандидатот на поголемиот дел од опозицијата за претседател на Црна Гора, Младен Бојаниќ.
Тој истакна дека ги нема резултатите од изборите и не сака да зборува за тоа и им се заблагодари на сите кои го дале својот глас за него.
На крајот Бојаниќ децидно порача: „Нема да му честитам на Ѓукановиќ за победата на изборите.“
(Фото: ЕПА)







