Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска против која се водат неколку обвиненија, преку отворено писмо до министерките за правда и за труд и социјала Рената Дескоска и Мила Царовска, денеска побара, остварувањето на нејзините права во областа на судството и заштита на правата на децата и жените. Јанкулоска вели дека тие права и се повредени и дека од министерките Дескоска и Царовска бара, во рамките на нивните надлежности, да преземат соодветна акција со цел непречено остварување на нејзините права.
„Со оглед на фактот што веќе сум во деветтиот месец на бременост како и реалната спреченост да присуствувам на долготрајните судски рочишта кои за овој предмет се закажуваат последователно во текот на 2-3 дена од работната недела и по правило се одржуваат и по завршување на работното време на судот, со времетраење и до 10 часа во неклиматизирани судници на високи темепратури, следејќи ги препораките на моите лекари, започнувајќи од 30-ти мај, го искористив моето законско право и отворив породолно отсуство.
Соодветна медицинска документација за отвореното породолно отсуство, како и лекарски потврди за поткрепа на мојата здравствена состојба беа навремено доставени до судијата Кацарска, пред закажаното рочиште на 31 мај. Како резултат на наведеното, како и фактот што на денот на рочиштето бев во болница да ја примам терапијата, бев оправдано спречена да присуствувам на истото.
На рочиштето одржано на 31 мај оваа година, од страна на моите бранители бев известена дека на предлог на СЈО, било наредено вештачење за да се утврди состојбата во која се наоѓам т.е. да ме прегледа доктор кој судијата дополнително ќе го определи за да констатира дали навистина сум спречена да ги следам долготрајните рочишта.
Г-ѓо Дескоска, дали сметате дека горе опишаниот начин на постапување на судијата е во согласност со основните начела на Законот за судови, односно дали ова е начинот на кој судијата во примената на правото ги заштитува човековите слободи и права (член 2 и член 5 од Законот), дали е ова вистинскиот начин на остварување на целите и функциите на судската власт (член 3 од Законот) и дали ваквото постапување на судијата го гарантира правото на правично судење од независен и непристрасен суд (член 6 од Законот)?“ – се наведува меѓудругото во писмото кое Јанкулоска го испрати до двете министерки.
ИЗВОР:ТВ24







