Заборавете на атракциите како Тајмс Сквер или Централ Парк, необичен феномен на Њујорк станаа стаорците.
Дали во Њујорк има повеќе стаорци или луѓе?
Многу њујорчани се прашуваат ова, откако проблемот со глодарите стана неподнослив. Но, туристичките водичи решија да ја искористат ситуацијата осмислувајќи единствени излети за да ги запознаат посетителите со домородците со кои ги делат градските улици.
Кени Болверк, искусен водич, му ги опишал на Њујорк тајмс неговите обиколки кои минуваат низ неочекувани делови на градот, вклучувајќи го Рокфелер Центарот и квартовите Санисајд и Квинс.
„Не се работи само за штетници. Стаорците станаа некој вид маскоти за Њујорк, а луѓето сакаат да искусат дел од урбаниот екосистем“, рекол Болверк, чии видеа со „стаорските тури“ на ТикТок привлекуваат до 10.000 гледачи.
Лук Милер, сопственик на туристичката агенција „Риал Њујорк Турс“, во својата маршрута вклучува запирање во Кинеската четврт и во Колумбус паркот.
„Со медиумското внимание што го добиваат, тие се како нови славни личности во Њујорк “, нагласи Милер.
Фасцинацијата насочена на стаорците веројатно го започна својот подем пред седум години, кога видеото од стаорец како влече парчиња пица по скалите на метрото, наречено „Пица стаорец“, собра преку 12 милиони гледачи на интернет.
Во канти за ѓубре, паркови или додека едноставно одат по улица во потрага по оброк, стаорци се видени во сите предградија на Њујорк.
Многу њујоршки градоначалници со децении водеа војна со стаорците со ограничен успех.
Отрови, стапици, контрола на популацијата со стерилизација се дел од методите кои неуспешно се спроведуваа. Црните кутии со отровни мамки речиси станаа дел од урбаниот пејзаж.
Актуелниот градоначалник, Ерик Адамс, кој често во јавноста повторува дека „мрази стаорци“, годинава воведе нова функција која стана позната како „цар на стаорци“.
Се работи за позицијата директор на градски иницијативи за борба против стаорци.
„Стаорците се симптом на системски проблеми, вклучувајќи ги санитарните услови, здравството, домувањето и економската правда“, рече Кетлин Коради.
Експертите сметаат дека главен проблем се отпадоците од храна и дека со нив треба да се позанимаваат жителите.
Администрацијата на Адамс неодамна воведе правило со кое од рестораните и другите фирми се бара своето ѓубре да го ставаат во безбедни контејнери. Во 2022 година, градот воведе нови прописи за тоа кога може да се фрла ѓубрето.







