Местото на Македонија и Србија е во Европската Унија. Двете земји имаат обврска да ги исполнат своите должности, за да станат дел од европското семејство. Ова е заклучокот кој произлезе од средбата на собранискиот спикер Талат Џафери и неговата колешка од српскиот парламент, Маја Гојковиќ.
Џафери ја изрази поддршката која Македонија и ја дава на Србија, а ја запозна со предизвиците со кои се справуваше периодов, стегите меѓу власта и опозицијата, но и процесот Жан Моне. Порача дека парламентарната демократија е најлесниот начин за развивање и комуникација.
„Веруваме дека само преку отворен дијалог, може да се разрешат тековните проблеми и отворените прашања и со играње на таква позитивна улога во регионот, Републијка Србија придонесува кон јакнење и зачувување на регионалната стабилност.“- изјави Џафери.
Покрај евроинтегративните процеси, на средбата, двајцата претседатели разговараа за билатералните односи. Претседателката на српскиот парламент Гојковиќ, исто така порача дека двете земји имаат и многу други заеднички теми, а регионалната соработка продолжува и натаму.
„Изразив подготвеност, парламентот на Република Србија да ја пружи целата потребна политичка и техничка помош, на парламентот на РМ и во процесот на придружување во ЕУ и го изнесовме и нашето искуство.“- изјави Гојковиќ.
Дел од агендата на Џафери беше и средбата со премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, на која исто како и на средбата со неговата колешка Гојковиќ, беше констатирана неопходноста од заедничка соработка.
Средбата на претседателот на собранието, Џафери со неговата колешка Гојковиќ, е прва официјална. На средбата беа разгледани можностите за понатамошна соработка, но и беше констатирано дека двете земји и натаму треба да ги градат евроинтегративните процеси.







