„Денеска, за прв пат, конституиравме Републички штаб за заштита и спасување, значајно тело во работата на Дирекцијата за заштита и спасување, кое што требало да биде формирано досега и да ги извршува одговорните обврски и задачи“, истакна Аднан Џафероски, директор на Дирекцијата за заштита и спасување на денешното одбележување на 13 години постоење и работа на овој државен орган со клучна улога во безбедносниот систем на државата.
Во своето излагање Џафероски посочи на финансиските проблеми и затекнатите долгови од 70 милиони денари, плус дополнителни 40 милиони денари, обврски по основ на судски, адвокатски, трошоци за извршители и други давачки. „Половина од обврските со коишто ја затекнав Дирекцијата изминатите 9 месеци од моето доаѓање на раководна функција се намирени, а до крајот на годината ќе бидат целосно исплатени. Моите напори заедно со менаџерскиот тим се Дирекцијата кадровски да се доекипира, технички доопреми, организациски да функционира беспрекорно со 35 подрачни одделенија и вкупно 270 вработени“, акцентира Џафероски.
Тој ја истакна и соработката со Владата и ресорните министерства, со бројни владини и невладини организации, посочи на преземените и успешни реализирани проекти и активности и воспоставена соработка со домашни и сродни организации од регионот и пошироко. „Пред нас, и пред безбедносниот систем на државата стојат нови предизвици, коишто бараат соодветен одговор. Во таа насока се неопходни реформи на постојните и создавање нови оперативни структури во цивилната заштита и во другите безбедносни структури. Зашто се стремиме кон интегриран систем за сèопфатен одговор.Цивилната заштита мора да се врати во образовниот систем, за што покренавме иницијатива со Министерството за образование и наука и Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија.
„Но, моите заложби како директор на оваа институција се, да ги обединиме сите релевантни структури, институции и учесници во процесот на градење силна и ефикасна, опремена и екипирана Дирекција за заштита и спасување, која што е подготвена на највисоко ниво да одговори на задачите, за коишто е впрочем формирана“, рече Џафероски.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски во својот поздравен говор, го истакна значењето на Дирекцијата за заштита и спасување и како што рече, неопходно е нејзино поинтензивно, техничко, стручно, организационо унапредување и развој. „Концептот за заштита и спасување, независно од карактерот на заканата, на предизвикот или на состојбата, со сиот нејзин кризен и загрозувачки потенцијал, во својата основа претставува исцрпен процес на планирање, донесување одлуки и нивна оперативна реализација.
Односно, поинаку кажано – тоа е еден од базичните системски механизми според кој што, меѓу другото, може да се добие јасна претстава за капацитетите, перформансите и зрелоста на едно општество, неговите институции, адекватно и ефикасно да одговорат на разните можни кризни предизвици.Во тој комплементарен сегмент од институционални чинители, Дирекцијата за заштита и спасување го зазема централното место, како во делот на раното предупредување, односно следењето и проценката на состојбите, така и во делот на директен одговор кон загрозувачките ситуации.Во сите овие минати години од постоење на Дирекцијата, не само што таа несомнено ја оправдува нужноста од своето постоење во рамки на системот за заштита и спасување, туку уште повеќе се наметна потребата од нејзино поинтензивно, техничко, стручно, организационо унапредување и развој“, истакна министерот Спасовски.
Во рамките на свеченото одбележување на 13 години од постоењето на Дирекцијата, директорот Џафероски им врачи плакета за посебен придонес, поддршка и соработка на министерот Оливер Спасовски, на државниот секретар Драган Николиќ во Министерството за одбрана, на Фатон Асани, директор на Агенцијата за управување со одземен имот и на Дејан Јованоски, потполковник и командант на касарната „Гоце Делчев“. Свеченото одбележување беше збогатено со смотра на силите за заштита и спасување од составот на вработените во Дирекцијата, што ја изврши директорот Џафероски. Освен тоа на 11 пунктови беше изложена опремата со која што располага Дирекцијата, а е наменета за гаснење шумски пожари, за спасување од урнатини, за згрижување население, опремата од авио одделението, воздухоплови, опрема за уништување на неексплодирани убојни средства,за радиолошка, хемиска и биолошки деконтаминација, заштита и спасување од поплави, за прва медицинска помош, пречистителна станица за вода и опрема за спасување од планини.







