40 милијарди долари американска помош за Украина

LinkSense.mk

Американскиот Конгрес вчера одобри помош за Украина во износ од 40 милијарди долари, што е уште еден знак за силната поддршка што Џо Бајден му ја ветил на Киев. Тој огромен пакет помош вклучува 6 милијарди долари за опремување на Украина со оклопни возила и зајакнување на нејзината воздушна одбрана во време на жестоки борби на истокот и југот на земјата.

Речиси 9 милијарди долари се наменети за да се обезбеди, меѓу другото, „континуитетот на украинските демократски институции“, како и голем хуманитарен пакет.

Мерките за помош на Украина се многу повеќе од само милостина“, рече лидерот на републиканците во Сенатот, Мич Меконел, неколку часа пред Горниот дом на Конгресот со големо мнозинство да го одобри финансирањето.

Американската безбедност и стратешките интереси ќе зависат од исходот на оваа војна“, рече тој.

Нацрт-законот, кој веќе беше одобрен од Претставничкиот дом минатата недела, треба само да биде потпишан од Џо Бајден.

Во средината на март, Конгресот веќе деблокираше скоро 14 милијарди долари за украинската криза.

Но, американскиот претседател со недели бара значително зголемување на помошта за да може да ја поддржи Украина во новата фаза од војната.

Овие 40 милијарди долари трошоци, колку што во 2020 година износуваше БДП-то на Камерун, изненадувачки добија многу голема поддршка од двете партии, што ретко се случува во Конгресот.

Кога станува збор за Путин, можеме да одлучиме да платиме сега или подоцна“, рече републиканскиот сенатор Линдзи Грахам, кој не е баш познат како голем поддржувач на политиката на Бајден.

По првите пратки со одбранбено оружје, Вашингтон сега испраќа артилерија, хеликоптери и беспилотни летала, со кои ракуваат украински војници обучени во САД и трети земји, пред да се вратат на бојното поле.

Со околу 9 милијарди долари одобрени од Конгресот, Американците треба да ги обноват своите резерви на оружје.

Сенатот, традиционален сојузник на американските претседатели во областа на надворешната политика, ја потврди вчеравечер одлуката за тоа Бриџит Бринк, дипломат од кариера, да биде нов амбасадор во Украина.

Америка нема амбасадор во Киев од 2019 година.

Во Германија вчера, финансиските лидери на Г-7 се договорија за 18,4 милијарди помош за Украина, за земјата да може да ги плати сметките во наредните месеци, и рекоа дека се подготвени да стојат на страната на Киев во текот на целата војна со Русија и да направат и повеќе ако е потребно, информираа после состанокот од Г-7.

Министрите за финансии и гувернерите на централните банки на САД, Јапонија, Канада, Велика Британија, Германија, Франција и Италија водат преговори додека Украина, која Русија ја нападна на 24 февруари, се обидува да се одбрани и троши значителни финансиски средства.

Во 2022 година, мобилизиравме 18,4 милијарди долари буџетска поддршка, вклучувајќи и 9,2 милијарди долари неодамна превземени обврски“, се вели во соопштението.

Ние ќе продолжиме да стоиме покрај Украина за време, но и по оваа војна, и подготвени сме да направиме се што е потребно“, се вели во соопштението.

Г7 го поздрави предлогот на Европската комисија во средата да ѝ позајми 9 милијарди евра на Украина, истакнувајќи дека Европската банка за обнова и развој и Меѓународната финансиска корпорација планираат поддршка од 3,4 милијарди долари. Но, не е јасно дали тие средства се дел од 18,4 милијарди долари или станува збор за друг пакет помош за владата во Киев.