На азиските берзи денеска паднаа цените на акциите бидејќи инвеститорите се загрижени од појавата на нова подваријанта на коронавирусот во Шангај и затоа што се плашат од агресивно зголемување на каматните стапки од страна на Американската централна банка. МСЦИ индексот на азиско-пацифичките акции, без Јапонија, околу 7 часот беше во минус за повеќе од 1 процент.
Притоа, на Токиската берза индексот Никеи порасна за 1,3 отсто, додека цените на акциите во Јужна Кореја, Австралија, Шангај и Хонг Конг паднаа меѓу 0,1 и 2,3 отсто. Остриот пад на кинеските пазари е резултат на веста дека во Шангај е откриена нова подваријанта на „омикрон“ на корона вирусот.
Заради тоа, инвеститорите стравуваат дека локалните власти повторно ќе воведат рестриктивни мерки во овој деловен и финансиски центар на Кина, што би го забавило растот на втората по големина економија во светот. Притисокот на тамошните пазари е последица и на остриот пад на цените на акциите на технолошките гиганти, како „Алибаба“ и „Тенсент“.
Инвеститорите се плашат и дека Американската централна банка овој месец повторно агресивно ќе ги зголеми клучните каматни стапки, како што тоа го направи во јуни.
Во петокот беше објавено дека во САД во јуни бројот на вработени се зголемил за 372.000, значително повеќе од очекуваното, додека стапката на невработеност стагнира на ниски 3,6 отсто. Просечната саатница, пак, е зголемена за 5,1 отсто во однос на истиот период лани, што покажува дека инфлациските притисоци не попуштаат.
А, сето ова значи дека Американската централна банка може да продолжи со агресивно заострување на монетарната политика.
На берзите владее претпазливост и заради тоа што во среда ќе биде објавен извештајот за потрошувачките цени во САД, што би можело значително да влијае на насоката на пазарот. Аналитичарите во анкетата од Ројтерс проценуваат дека во јуни тој дополнително се забрза до 8,8 отсто, ново највисоко ниво во повеќе од 40 години.
Во фокусот на инвеститорите оваа недела ќе бидат и деловните резултати на американските компании, со оглед на тоа што започнува сезоната за објавување на кварталните финансиски извештаи. И додека повеќето азиски берзи утрово паднаа, јапонскиот индекс Никеи значително порасна. Ова делумно е благодарение на резултатите од парламентарните избори одржани вчера.
Јапонската конзервативна коалициска влада е на добар пат да освои мнозинство места во Горниот дом. Според излезната анкета на јавниот радиодифузен сервис НХК, Либерално-демократската партија (ЛДП) на премиерот Фумио Кишида, заедно со коалициската партија Комејто, би можеле да освојат меѓу 69 и 83 од 125 места во Горниот дом. Изборите се одржани само два дена откако во петокот во изборната кампања беше убиен поранешниот премиер Шинзо Абе.
А, на девизниот пазар вредноста на доларот во однос на кошничката валути дополнително се зголеми, откако минатата недела скокна за 1,5 отсто.
Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американската во однос на другите шест најважни светски валути, зајакна за 0,4 отсто, на 107,39 поени, недалеку од највисокото ниво во последните 20 години. Притоа, курсот на доларот во однос на јапонската валута порасна за 0,6 отсто, на 136,95 јени, а во еден момент достигна и 137,28 јени, највисоко ниво во последните 24 години.
Американската валута зајакна и во однос на европската, за 0,38 отсто, па цената на еврото се лизна на 1,0145 долари, блиску до најниското ниво од крајот на 2002 година. Цените на нафтата, пак, дополнително паднаа, откако минатата недела се лизнаа за повеќе од 3 отсто. Цената на барелот на лондонскиот пазар се намали за 0,65 отсто, на 106,32 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот се намали за 0,91 отсто, на 103,94 долари.
(Фото: ЕПА)







