Новинарите стационирани во Киев известуваат дека во главниот град на Украина се слушнале нови силни експлозии. Русија утринава изврши бран ракетни напади од воздух и од море, пишува Гардијан.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, на Телеграм потврди дека имало „неколку експлозии во главниот град“.
Кличко ги предупреди жителите за можни прекини на струја и вода по руските напади утринава врз главниот град на Украина.
„Можеби ќе дојде до прекин на струјата во Киев.
Наполнете ги телефоните и другите уреди. Направете резерви на вода“, порача тој во објавата на Телеграм.
Сирените за воздушен напад утрово се вклучија низ целата земја.
Украинските власти објавија ракетни напади и активирање на системите за противвоздушна одбрана. Русите истрелаа проектили кон Харков на североисток, Миколаев на југ и Житомир и Полтава во централна Украина.
Михајло Подољак, советник на украинскиот претседател, на Твитер напиша дека Русија утринава истрела повеќе од 120 проектили кон Украина.
„Над 120 проектили над Украина лансираше злобниот руски свет за да ја уништи критичната инфраструктура и масовно да убие цивили“, напиша тој на Твитер.
„Очекуваме дополнителни предлози од мировниците за мирно решение, безбедносни гаранции од Руската Федерација и (непожелни) провокации“, додаде Подољак.
Шефот на украинската воена разузнавачка агенција рече дека борбите во Украина моментно се во мирување бидејќи ниту Украина ниту Русија во овој момент не можат значително да напредуваат.
(Фото: „Дојче Веле“)







