Пред Владата, министерствата и другите државни институции, а и пред сите македонски дипломатско-конзуларни претставништва во странство знаме е спуштено на половина копје.
Одлуката ја донесе Владата, како израз на солидарност и почит за големиот број загубени човечки животи предизвикани од катастрофалниот земјотрес што на 6-ти февруари ги погоди Турција и Сирија.
Бројот на загинати во земјотресите, заклучно со вчера, достигна над 33.000.
Премиерот Димитар Ковачевски вчера преку Фејсбук објави дека Владата го прогласила денешниот за ден на жалост поради катастрофалните земјотреси во Турција и Сирија.
„Утрешниот ден го прогласивме за Ден на жалост во вечен спомен на загинатите во катастрофалните земјотреси што го погодија пограничниот регион на Турција и Сирија. Граѓаните на Северна Македонија во мислите и молитвите се со нивните најблиски, со нивните семејства“, напиша Ковачевски во објавата.
„Во име на сите граѓани на Република Северна Македонија изразувам сочувство до сите кои ги загубија своите блиски. Како држава и како народ ќе продолжиме да помагаме, ќе бидеме солидарни и ќе бидеме поддршка за настраданите граѓани, за оние кои изгубија сѐ“, додаде тој.
(Фото: „Слободен печат“)







