Мистериозен блесок кој го осветли небото над главниот град на Украина, Киев, предизвика многу шпекулации.
Официјални лица од Киев изјавија дека се сомневаат дека сателит на НАСА паднал на Земјата, но од НАСА се огласија и рекоа дека не се работи за тоа и дека нивниот сателит се уште е во орбитата.
На социјалните мрежи кружат бројни снимки од светлината на небото над Киев.
Украинското воено воздухопловство сугерираше дека блесокот можеби бил метеорит, а се чини дека се уверени оти блесокот не бил предизвикан од руски воздушен напад.
„Сјајот на небото над Киев е забележан околу 22 часот по локално време.
Активирана е тревога за воздушен напад, но противвоздушната одбрана не била активна“, објави на Телеграм шефот на киевската воена управа, Сергеј Попко.
„Според прелиминарните информации, овој феномен е резултат на падот на сателит на НАСА на Земјата“, изјави Попко.
Американската вселенска агенција претходно оваа недела објави дека сателитот тежок 300 килограми повторно ќе влезе во атмосферата во среда.Вселенското летало (RHESSI) кое се користело за набљудување на сончевите блесоци, беше лансирано во земјината орбита во 2002 година.
Но, Роб Маргет од канцеларијата за комуникации на НАСА за Би-Би-Си изјави дека сателитот се уште е во орбитата, па со самото тоа светлината не доаѓа од него.
Снимката од необичниот блесок на социјалните мрежи поттикна сомнежи за вонземјани и неидентификувани летечки објекти.
И советникот на претседателот Зеленски, Андриј Јермак, на својот Твитер објави знакче што сугерира на НЛО.
Украинската агенција за вселенски истражувања, која работи во рамките на украинската влада, подоцна објави детали за блесокот.
„На 19 април 2023 година, во 21:57 часот по киевско време, со инфразвук на Државниот технички центар на Украина забележан е акустичен настан со висока енергија на територијата на Украина. Се проценува дека епицентарот на експлозијата е во регионот на Киев. Настанот најверојатно е поврзан со навлегување на вселенско тело во густите слоеви на атмосферата, информациите се разјаснуваат“, соопштуваат оттаму.
(Фото: Би-Би-Си / исечок)







