Русија лансираше 15 крстосувачки ракети кон главниот град на Украина денеска, утрово, но системите за противвоздушна одбрана ги соборија сите, соопштија украинските власти, откако предупредувањата за воздушен напад се огласија над поголемиот дел од земјата, пренесува Ројтерс.
Началникот на градската воена управа на Киев, Серхи Попко, изјави дека плановите на агресорите пропаднале.
Нападот денеска, веќе петти ваков овој месец, се случи еден ден откако Русија го лансираше најголемиот број беспилотни летала досега.
Попко тврди дека Русите се обидуваат да убијат што повеќе цивили, дури и на денешниот Ден на победата во Русија, еден од најсвечените национални празници таму, со кој се одбележува годишнината од поразот на нацистичка Германија во 1945 година.
Рече и дека според прелиминарните информации, нема жртви во нападот, кој бил извршен со крстосувачки ракети од областа на Каспиското Море.
„Срушена е куќа во округот Холосивски, во југозападниот дел на Киев“, истакна градоначалникот, Виталиј Кличко, додавајќи дека во случајот нема жртви ниту пак е направена голема материјална штета.







