Доналд Трамп во деведесетите сексуално ја вознемирувал новинарката Е. Џин Керол, а потоа ја клеветел нарекувајќи ја лажливка, одлучија поротниците вчера, нанесувајќи му на поранешниот претседател правосуден удар додека тој се бори за повторно влегување во Белата куќа во 2024 година.
Деветчлената порота во Сојузниот суд на Менхетен на колумнистката на списанието „Ели“ (Elle) и додели отштета од пет милиони долари.
Трамп на неговата социјална мрежа (Truth Social), пресудата ја нарече „срамна“ и истакна – „Апсолутно немам поим која е оваа жена“.
Неговиот портпарол, Стивен Чеунг, најави жалба.
Ова е првпат во историјата некој американски претседател да биде прогласен за виновен за сексуален напад.
Поротата составена од шест мажи и три жени расправаше нешто помалку од три часа. Таа ги отфрли негирањата на Трамп дека ја нападнал Керол и пресуди во корист на тужителката.
Бидејќи се работеше за приватна тужба, Керол можеше да го тужи Трамп само за отштета. Затворска казна за поранешниот претседател воопшто не беше ставена во обзир, бидејќи тоа не беше кривична постапка.
Керол (79) за време на судењето сведочеше дека Трамп (76) ја силувал во стоковната куќа „Бергдорф Гудман“ на Менхетен, кон крајот на 1995 година или на почетокот на 1996 година, а потоа ја нарушил нејзината репутација со тоа што во октомври 2022 година на неговата социјална мрежа напишал дека нејзините тврдења се „целосна измама“ и „лага“.
Поротата го прогласи за виновен за сексуален напад и за клевета, но не и за силување.
Претседателот од 2017 до 2021 година, Трамп, според анкетите е фаворит на изборите за републиканската претседателска номинација и досега покажа неверојатна способност да ги надмине контроверзите што би потопиле други политичари.
Се чини малку веројатно дека во поларизираната политичка клима во САД, граѓанското судење ќе влијае на клучните поддржувачи на Трамп, кои на неговите правни битки гледаат како обид на неговите политички противници да го ослабат.
Поротниците требаше да донесат одлука дали Трамп силувал, сексуално злоставувал или насилно ја допирал Керол, бидејќи било кое од нив ќе го задоволи нејзиното тврдење за малтретирање.
Покрај тоа, тие одлучуваа дали Трамп ја наклеветил Керол.
Адвокатскиот тим на Трамп одлучи да не се впушта во одбрана, надевајќи се дека поротниците ќе пресудат дека случајот е неубедлив.
Трамп тврдеше дека Керол, поранешна колумнистка за магазинот „Ели“ и регистрирана членка на Демократската партија, ги измисли обвинувањата за да ја зголеми продажбата на нејзините мемоари од 2019 година и политички да му наштети.
Керол им кажа на поротниците дека одлучила да ја прекине тишината и да не молчи повеќе во 2017 година, откако обвинувањата за силување против холивудскиот продуцент Харви Вајнштајн, поттикнаа многу жени да проговорат за нивните искуства кога биле сексуално нападнати од моќни мажи.
Таа излезе во јавноста додека Трамп сè уште беше претседател.
Популарноста на Трамп во анкетите порасна откако во март во Њујорк беше обвинет дека фалсификувал деловни документи за да „купи“ молчење од порно актерка пред претседателските избори во 2016 година.
Тоа обвинение, кое е поднесено во судот во Њујорк, го направи прв американски претседател, поранешен и сегашен, против кој е подигнато обвинение. Трамп се изјасни дека не е виновен и дека обвиненијата се политички мотивирани.
(Фото: АФП)







