Податоците на Сојузното здружение на германски фармацевти (АБДА) покажуваат дека повеќе од 120 аптеки во Германија само во првите три месеци од оваа година засекогаш ги затвориле своите врати. Причина? Недостигот на лекови си го зеде данокот во персонал.
„Во овој момент имаме најмал број аптеки од почетокот на 1980-тите“, изјави Кристијан Сплет, портпарол на АБДА.
До крајот на 2022 година, имаше нешто повеќе од 18.000 аптеки низ целата земја, што е за 2.800 помалку од пред десет години.
Ситуацијата е најтешка во руралните средини – таму, имено, честопати фармацевтите се првите луѓе на кои луѓето бараат помош за нивните здравствени проблеми пред да се обратат на лекар.
Според АБДА, главната причина за затворањето на аптеките е тоа што се чини дека нема многу иднина за младите фармацевти во секторот јавни аптеки, кои се главна компонента на германскиот здравствен систем.
„Ако ги прашате младите фармацевти, тие велат дека за нив нема економска перспектива, бидејќи владата навистина не сака да инвестира пари во системот. Освен тоа, кога водите аптека или имате бизнис со компании за задолжително здравствено осигурување, неминовно наидувате на многу бирократски процедури, а тоа ги обесхрабрува и младите професионалци“, објаснува Сплет за „Еуроњуз“.
Друг проблем е што приватната фармацевтска индустрија на својот персонал му плаќа многу повеќе пари од која било јавна аптека.
Системот за здравствена заштита во Германија е строго регулиран, а приходите на јавните аптеки главно се одредуваат од трошоците на законското здравствено осигурување.
Германија во моментов има три фундаментални проблеми – недостиг на лекови поради зголемената побарувачка и намалената понуда, зголемената инфлација и енергетската криза.
Според националната база на податоци (PharmNet.Bund), која го следи снабдувањето со лекови во Германија, повеќе од 400 медикаменти се водат како воопшто да не се достапни во земјата.
Споменатиот недостаток на јавните аптеки скапо се плаќа и со време и со пари, а фармацевтите бараат алтернативни начини за да ги снабдат своите пациенти.
„Дури и ако најдете алтернативни лекови, треба да приложите многу документација за да му докажете на законското здравствено осигурување дека сте ја избрале опцијата најблиску до најевтината достапна“, вели Сплет.
Поради сето горенаведено, илјадници аптеки низ Германија ги затворија вратите на 14 јуни во знак на протест против се потешката ситуација во која се најоѓаат. Но, министерот за здравство, Карл Лаутербах, одби да им обезбеди на фармацевтите повеќе пари, велејќи дека „нема дополнителни средства за да се задоволат барањата на персоналот“.







